(видео + фото) Танец одбележа 65 години постоење

Синоќа на сцената на Македонската опера и балет во Скопје се одржа Свечена академија по повод 65-годишнината од основањето на Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“.

Пред почетокот на синоќешниот настап во МОБ, Ансамблот “Танец” беше одликуван од страна на архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во името на МПЦ со највисокота награда Свети Климент Охридски, за своите досегашни достигнувања во изминатите 65 години на презентирање на македонската култура и традиција.

Ансамблот „Танец“ овој месец одбележува 65 години од основањето. По тој повод од Ансамблот најавија дека целата 2014 година ќе биде јубилејна. Планирани се 25 концерти низ Македонија и пет во Скопје, од кои еден голем. Ќе има и повеќе настапи во хуманитарни цели, како и неколку гостувања во странство. Во мај Ансамблот ќе има минитурнеја низ Бугарија, во јуни ќе гостува во Рига, во рамки на манифестацијата Денови на македонската култура во Европската престолнина на културата во 2014, а во јули-август ќе патува во Хрватска.



На 5 јули ќе има концерт на плоштадот во Скопје, во рамки на „Скопско лето“, а по подолг период оваа година ќе гостува и на „Охридско лето“ со голем концерт на Антички театар. Во октомври, пак, планираат концерт „Игри и песни без граници“ во „Метрополис арената“, на кој ќе гостуваат ансамбли од регионот.

Одлуката „Танец“ да биде државен ансамбл на тогашна Социјалистичка Република Македонија е донесена во март 1949 година. Богатото фолклорно наследство, песните и ората од Македонија, „Танец“ ги има презентирано на голем број светски сцени, како Карнеги хол во Њујорк, Бољшој-театар во Москва, Опера хаус во Сиднеј, во концертните сали во Катар, Израел, Кина и во повеќето европски земји.

65 godini Tanec 5

65 godini Tanec 3

65 godini Tanec 2

65 godini Tanec 1

You May Also Like