Во Битола и понатаму пристигнуваат звучни имиња

Од Битола замина Христијан Бергер, а доаѓа Лучано Товоли, добитник на највисокото признание, престижната „Златна камера 300“.

Мајсторот на тивката и загадочна но чиста и полна со светлина филмска естетика, Христијан Бергер, годинашниот добитник на „Златна камера 300“ вчера (вторник, 18 септември, 2012 година) замина од Битола, по речиси целодневен разговор со новинари, студенти, филмофили и филмаџии за неговото филмско тврештво.

Во текот денот тој одржа мастер час во преполната сала, а подоцна јасно покажа дека е воодушевен од филмскиот апетит на луѓето во Битола. Средбата траеше повеќе од предвиденото, а Бергер на публиката ексклузивно и` даде можност да ги видат неговите два најнови филмски проекти, „Лудвиг“ и „Бележникот“. Говореше за своите почетоци, за тоа дека неговата амбиција воопшто не била сфатена од околината, но дека е многу важно за кинематограферите да си ја признаат својата опсесија бидејќи без тоа не може да се напредне.
Подоцна одржа и ненајавена два и пол часовна средба со македонските студенти, гости на Фестивалот и им делеше совети на идните кинематографери во земјава.

Денеска на „Браќа Манаки“ пристигнува и Лучано Товоли, еден од најголемите кинематографери на италијанската и светската кинематографија, чиј исклучителен плоден опус со право го вклучува во Клубот на Великаните на „Браќа Манаки“.

 

You May Also Like