По повод 8 септември Денот на независноста на Македонија, Гарабет, Диран и Гаро Тавитјан најавуваат спектакуларен концерт на арената „Филип Втори“. Гости на концертот ќе бидат најголемите балкански ѕвезди кои ќе пејат на македонски јазик.
По издавањето на двојниот албум „Македонското срце чука во 7/8“, „Парамециум“ продукција поддржана од Владата на Македонија, најавува голем концерт со учество на славни изведувачи од некогашните ЈУ-републики, кои учествуваа и во реализацијата на албумот.
На арената „Филип Втори“ во чест на македонија ќе пејат: Јосипа Лисац, Жељко Бебек, Нина Бадриќ, Хари Варешановиќ, Тереза Кесовија, Аки Рахимовски, Дадо Топиќ, Горан Каран, Сергеј Четковиќ, Јелена Томашевиќ, Александра Радовиќ, Борис Новковиќ, Антонија Шола.
Покрај нив, на сцената ќе излезат и домашните Владо Јаневски, Калиопи, Каролина Гочева, Ристо Самарџиев, Мики Јовановски-Џафер, Есма Реџепова и Влатко Лозаноски.
Специјален гостин на овој настан ќе биде перкусионистот Рани Крија, кој во светот е познат по соработката со Стинг.
Картите за концертот се по симболична цена од 20 денари и се пуштени во продажба преку салоните на „Тобако тугедр“ и во маркетите на „Тинекс“ низ Македонија, а собраните средства ќе одат во хуманитарни цели.