„Made in Macedonia“ во Лондон ја претстави македонската култура

Во галерија „Пал Мал“ во центарот на Лондон, вчеравечер (недела), пред многубројните гости и љубители на уметноста, беше претставена изложбата „Made in Macedonia“ на Музејот на современата уметност, која е дел од манифестација „Денови на македонската култура во Лондон“.

Современата македонска ликовна сцена пред лондонската јавност е претставена преку делата на уметниците Јован Шумковски, Томе Аџиески, Жанета Вангели, Благоја Маневски,  Антони Мазневски, Атанас Атанасовски, групата „ОПА“, Исмет Рамиќевиќ, Вана Урошевиќ, Ива Димеска, Александра Петрушевска и Симон Шемов. Директорката на Музејот на современата уметност, Елиза Шулевска на отворањето на изложбата пред присутните истакна дека станува збор за дела на истакнати македонски автори препознатливи и афирмирани во светски рамки.

„Изложбата „Made in Macedonia“ на авторите чии биографии бележат презентирање на релевантни изложбени простори во светот, е дел од нашата стварност, традиција, наследство и богата духовност“ истакна Шулевска.

Проектот Made in Macedonia кој е дело на кураторот Викторија Васев Димеска и кустосот Благоја Варошанец се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Според кураторката, изложбата која ќе биде отворена до 12-ти мај, претставува „еден можен кадар од ликовната сцена на Македонија, што според својата идеја и мотивираност се вклопува во актуелните движења, токму во оние што ја кажуваат сериозната, искрена и длабоко хумана врзаност за некои реминисцентни фрагменти од традицијата, како инспиративен код, како носталгично сеќавање, како трансмисија“.

Манифестацијата „Денови на македонската култура во Лондон“ започна на 3-ти мај со концертот на македонскиот пијанист Симон Трпчески и лондонскиот Филхармонија Оркестар во Ројал фестивал хол. Деновите на македонската култура продолжуваат на 12-ти и 13 мај кога во познатиот театар „Глоуб“, Битолскиот театар ќе ја изведе претставата „Хенри Шести“, а македонската изворна култура ќе биде претставена преку музицирањето на Стефче Стојкоски и неговиот ансамбл. Манифестацијата завршува на 14 мај со промоција на едицијата „130 тома македонска книжевност“ превод на англиски јазик во еден од водечките мултидисциплинарни универзитети во светот, University College London.

You May Also Like