Вечер (среда, 18 јули) во 20:00 во Мала станица ќе биде отворена изложба на графики „Четири елементи“ на Шќипе Мехмети. Изложбата е во рамките на годинашното Скопско лето.
„Во сликите на Шќипе Мехмети мртвата материја е жив дух. Целата вселена е жива. Уметноста е препородување на вечниот живот, вели Мишел Анри. Светот е огромна субјективна композиција, така што нема свет без чувства, без збир од дразби кои се целина на нашата сетилност и од кои таа не престанува да трепери како што трепери самото тело на вселената. На местата каде завршува материјата, започнува мистеријата. Така сликата станува место на љубовта и место на пресоздавање на светот“ – ќе запише за делата на Мехмети, Емил Алексиев
————————–
Шкипе Мехмети е родена 1981 година во Кичево. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, оддел графика. Изложувала во Кичево, Скопје, Париз, Њујорк, Берлин. Учесник е на повеќе групни изложби во земјава и странство. За својата ликовна дејност добитник е на неколку награди и признанија.