Милчо Манчевски во жирито во Венеција

По победата со „Пред дождот“ и отворањето на фестивалот со „Прашина“, најпознатиот македонски режисер Милчо Mанчевски овој пат е во жирито на престижниот Филмски фестивал во Венеција, што ќе се одржи од 29 август до 8 септември.

На 69- то издание на најстариот и најпрестижен филмски фестивал на светот Манчевски ќе биде во жирито  на секцијата Хоризонти, која заедно со Венеција 69, се двете секции на Официјалната селекција на фестивалот во кои се доделуваат награди.

Годинава како директор на Венеција повторно се враќа Алберто Барбера, кој во 2001 година го избра токму „Прашина“ на Манчевски да го отвори Фестивалот.

Хоризонти претставува селекција на филмови кои ги претставуваат најновите трендови и компоненти на современиот филм и учествуваат дебија и независни филмови кои се спротиставуваат на жанровските филмови и тенденции, а со цел да откриваат и демонстрираат креативна оригиналност. Претседател на жирито на Хоризонти е италијанскиот актер Пјерфранческо Фавино, а жирито доделува три награди. Познатата селекција венеција 69 всушност го доделува престижниот Златен Лав , a на чело на жирито за оваа награда е  е американскиот режисер Мајкл Мен.

По триумфот во Венеција во 1994 година со дебито „Пред дождот“, каде покрај Златниот лав освои и уште 10 други награди, Манчевски е особено почитуван автор во Италија чии дела имаат влијание и на популарната и на официјалната култура. Неговите филмови се дел од школската лектира, едно вино е наречено „Пред дождот“, а исто така се вика и еден ресторан во Болоња, а пак модната куќа за висока мода Черути имаше и колекција за мажи инспирирана од костимите во Прашина.Филмот „Прашина“ имаше чест да го отвори фестивалот пред точно 11 години.

You May Also Like