Синедејс 2011 – за љубителите на филмот

Десеттиот Фестивал на Европски филм СИНЕДЕЈС, кој ќе се одржи од 10-20 ноември 2011 година во Скопје , ќе го одбележат седумдесеттина филмови (12 во официјалната селекција), 100-тина фестивалски гости, 9 концерти, 12 фестивалски програми, гала премиери, неколку работилници и придружни настани.

Бела Тар, Аки Каурисмаки, Вуди Ален, Александар Сокуров, Сузан Бир, Дејвид Кроненберг, Нани Морети, Ларс Фон Трир, браќата Дарден и Педро Алмодовар (идејниот творец на овој филмски фестивал), се режисерските имиња чиишто авторски дела ќе се натпреваруваат во официјалната конкуренција за престижната награда Златна ѕвезда  – НАГРАДА ЗА НАЈДОБАР ФИЛМ на СИНЕДEЈС 2011.

Годинава, во рамки на фестивалот сите љубители на седмата уметност имаат можност да уживаат во филмовите од најновата Европска продукција и тоа под отворено небо,  проектирани од 3 до 8 ноември ое011 година,  на големото филмско платно на плоштадот „Македонија“.

Филмовите во официјалната програма ги селектираше Бернд Будер, што воедно е селектор и на фестивалот во Котбус и преселектор на Форум програмата на Берлинале. Од дванаесетте филмови, во Скопје ќе пристигнат и ќе гостуваат дури седум филмски екипи. Годинава програмата „Балкан линк“ е преименувана во СИНЕБАЛКАН, а нововоставената програма од годинава на Синедејс е насловена како „ЗЕМЈА ВО ФОКУСОТ“, а во Кинотеката на Македонија ќе бидат претставени кинематографиите на Република Словенија и Грузија.

Големиот српски актер Лазар Ристовски, големиот словенечки и европски режисер Андреј Кошак и актерот Никола Којо, се само дел од ексклузивните гости на овој десетти јубилеен Синедејс.

Во неколку скопски локали, ќе бидат проектирани осум музички документарни филмови, а ќе бидат одржани и десеттина концерти. Селектор на музичката програма е Тони Шариќ, директор на веќе популарниот и реномиран ДОРФ фестивал.

Во рамки на десеттото јубилејно издание на CINED@YS, ќе биде реализирана и програмата „Македонија и Европа“, што претставува преглед на филмски остварувања на продуценти и актери од Македонија,  коишто на различни филмски проекти соработувале со продукции од Словенија,Турција, Албанија, Италија и  останати земји од светот.

На посетителите на фестивалот ќе им бидат достапни и премиерните проекции на македонските филмови и тоа: „Луѓе без земја“, играно-документарен филм на Марко Ѓоковиќ, краткиот документарен филм „Девојчето со ќибритчиња“ во режија на Филип Матевски и скопската премиера на филмот на Саша Станишиќ „Митот за Сара“.

Осумнаесетте експериментални филмови од повеќе европски автори се избор на селекторката Ирена Паскали, а ќе бидат прикажани во Музејот на современа уметност во Скопје. Во рамки на филмскиот фестивал ќе бидат презентирани и кусите портрети на еден од најпознатите и најуспешни германски режисери, Андреас Дрезен и на италијанскиот сценарист, режисер и продуцент, Паоло Вирџи.

Жири-комисијата е во состав: Огњен Цвиличиќ од Р.Хрватска, Нил Јанг од Велика Британија и македонскиот млад режисер Дарјан Пејовски, а филмовите на фестивалот, покрај за Златната ѕвезда, ќе конкурират и за наградите; Сребрена ѕвезда- НАГРАДА ЗА НАЈДОБАР РЕЖИСЕР, Сина ѕвезда-награда за најдобро сценарио и Златно сонце-НАГРАДА ЗА НАЈДОБАР БАЛКАНСКИ ФИЛМ.

Едни од предавачите на работилниците што ќе се одржат во рамки на Синедејс се Анета Лешниковска, којашто ќе предава за дигитален филм и Бригита Мантеи, советник за фондови во Медиенборд, Берлин, а ќе направи презентација за финансирање на филмови и фондови за копродукции со Германија.

Синедејс од годинава преку проектот „Операција кино“, официјално станува дел од фестивалската мрежа на престижните филмски фестивали од Истанбул, Софија, Сараево и романскиот фестивал од Трансилванија.

И 10-от СИНЕДЕЈС, ќе се одржува под покровителство на Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, а носител на проектот е Младинскиот културен центар – Скопје.

You May Also Like