Изложба на Христина Стојчевска „Улица Македонија“ во МГС

Во Музејот на град Скопје, вечерва (вторник, 21 мај 2013 година) во 20:00 часот ќе биде отворена  изложбата на Христина Стојчевска „Улица Македонија“.

Проектот во Музејот на град Скопје се реализира по повод Наградата „Борко Лазески“ која авторката ја доби во 2012 година.

Во договор со семејствота на Борко Лазески (кое на Музејот на град Скопје му ги подари картоните од овој уметник употребени за реализација на големата „Фреска за НОБ“ реализирана во аулата на Старата железничка станица во Скопје во 1958 година), Музејот на град Скопје прифати секоја година да организира самостојна изложба на студент од Факултетот за ликовни уметности од Скопје кој во претходната учебна година ја освоил наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел. Овојпат тоа е младата Христина Стојчевска.

На својата прва самостојна изложба во Музејот на град Скопје Стојчевска се претставува со три дела во големи димензии кои го формираат нејзиниот проект насловен „Улица Македонија“. Стилот на изразување кој го употребува Стојчевска е наклонет кон експресивниот гест кој треба да се занимава со реалноста на глетките кои ја опкружуваат и кои го сочинуваат нејзиниот социјален контекст. Нејзините слики се глетки од реалноста кои можат да потсетуваат на фотографии, но кои својот пластичен интерес го формираат со една многу интересна структура на потези и колористички површини кои поседуваат сопствен, паралелен, свет.

Фактот дека станува збор за дела со големи формати на гледачот му овозможува овој споменат изразен модел да може да го доживее сосема самостојно уживајќи во двојноста на структурата на сликата – како глетка од реалноста и како збир од динамично рапоредени и усогласени потези и површини.

Реализацијата на ваков тип на дела може да упати кон потребата на младата авторка да оствари сопствен свет, односно простор или место кое се формира од фокусните точки на нејзиниот сензибилитет соочен со социјлниот простор во кој живее.

You May Also Like