Изложба на Иван Блажев во МСУ

Вечер (петок, 23 ноември, 2012) во 20:00 часот во Музејот на современа уметност ќе биде отворена изложба на Иван Блажев со наслов „Текстура на животот“.

Иван Блажев денес e една од најзабележителните авторски профилирани појави во македонската фотографија.Својот израз го темели врз традициите на документарната фотографија.

Изложбата “Текстура на животот” го истакнува токму тој особен интимистички и лирски сензибилитет во фотографијата на Блажев. Спротивно на неговата досегашна практика на тематски конципирани изложби, Блажев овој пат се реши за еден вид ретроспекција на неговото досегашно творештво, но секако не во смисла на сопствена историзација, туку пред сè како прилика за продлабочена рефлексија на своите естетски и авторски позиции. Изборот од 65 фотографии се состои од претходно необјавени или неизложувани фотографии.

Едно од прашањата на кои Блажев бара одговор со оваа изложба е дали фотографиите извадени оддокументарниот контекст, можат да стојат самостојно и секоја од нив да создава своја засебна и нова наративна целина која е некаде помеѓу фикцијата и реалноста.Токму тие премини и претопувањата од реалното во имагинацијата, создаваат мноштво можни индивидуални нарации и доживувања кои се главната нишка која ја следи оваа изложба.Од интимата на ликовите со чиишто задлабочени мисли лесно би можеле да се соживееме до идиличните предели кои одишуваат со величенствен мир, фотографиите на Блажев создаваат една навистина богата текстура од мноштво слики и поетски нарации, кои се како што самиот вели “исто толку сведoштво за нечија туѓа приказна, колку што се документ за патот и за личната приказна на фотографот“

Иван Блажев е роден 1974 во Скопје. Дипломирал филмска режија на Бруклинскиот колеџ во САД, а постдипломски студии по фотографија завршил на Ликовната академија во Нови Сад. Од 1996 до 2000 година работи во филмската индустрија, реализирајќи кратки и документарни филмови, музички видеа и реклами.Од 2001 година го напушта филмот и целосно и се посветува на фотографијата, реализирајќи оттогаш повеќе проекти. Досега приредил дванаесет самостојни изложби во Скопје, Краков, Чачак, Цетиње и учествувал на повеќе групни изложби во Берлин, Брисел, Мадрид, Леуварден (Холандија), Виена, Подгорица, Љубљана, Ријека, Солун и Нови Сад. Блажев е автор и на пет фотографски книги, издадени во Скопје. Живее и работи во Скопје.

You May Also Like