На денешен ден починал Димитар Кондовски (Прилеп, 30.09.1927 – Скопје, 08.08.1993) македонски сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Има особено значење за развитокот на македонското современо сликарство во шеесеттите години. Завршил Академија за ликовни уметности во Белград. Бил член на групите “Денес” и “Мугри”. Се занимавал со сликарство, илустрација, сценографија, графика, пишувал критика. Бил професор на Педагошката академија во Скопје.
Самостојно излагал (од 1957 год.) во Скопје, Загреб, Рим, Тетово, Прибој на Лим, Њујорк итн. Излагал на многу групни изложби во земјата и во странство меѓу кои во: Белград, Александрија, Сан Марино, Сао Паоло, Рим, Шел, Париз, Кан, Сир-Мер и итн.
Во почетокот, во сликите „Шаховска табла“, „Арлекин“ и „Балкон“ има влијание од Париската школа. Подоцна оформува автохтон геометриски израз, втемелен врз средновековното сликарство и ориенталната орнаментика, и од визуелен и од технолошки аспект („Самрак“, „Полиптих 2“). Користел технологија карактеристична за изработката на икони. Работел и на полето на сценографијата, графиката, илустрацијата.
Автор е на монументален сликарски објект во Железарницата во Скопје 1967 год. Награден е на 8. Медитеранско Биенале 1963, 3. Триенале во Белград, со Октомвриска награда за сликарство во 1964 и др.