Утре вечер (петок, 17 јуни 2011 година), во Куршумли ан, со почеток во 21:00 часот, со филмската проекција на „Депонија“ и „Жената со петте слона“, ќе биде отворен Меѓународниот фестивал на креативни документарни филмови „Make Dox“.
Во рамки на фестивалот што ќе трае до 24 јуни 2011 година, ќе бидат реализирани неколку програмски единици како што се: Главна програма, Нови автори, Еколошки документарци, Програма за деца и млади и Кратки филмови како и Make Dox + (дебати и презентации, изложби, Make Dox ноќи и многу работилници).
Филмот „Депонија“ е копродукција меѓу Англија и Бразил, премиерно прикажан 2010 година, музиката за филмот ја направи Моби, а режисерката Луси Вокер, го снимаше три години. Филмот „Жената со петте слона“, е филмско дело на Вадим Јендрејко, а е во копродукција на Швајцарија и Германија.
Фестивалот ќе се одржува на неколку локации и тоа:
– под отворено небо во Куршумли ан, во термините од 21:00 и 23:00 часот,
– во Детскиот креативен центар во Старата скопска чаршија од 17:00 и 19:00 часот.
На овогодинешното второ издание на Make Dox, филмската публика ќе има можност да види дела од седмата уметност од Камбоџа, Полска, Шведска, Кореја, Зимбабве, Словачка, Бразил, САД, Холандија од 40 извонредни автори. Селектор на целата програма на фестивалот е Петра Селишкар.
Во рамки на фестивалот ќе бидат реализирани три работилници на тема: „Современ документарец помеѓу реалноста и филмот“; „Критика на креативната документаристика“ и „Не мрази ги медиумите, стани медиум“, а годинава ќе биде реализирана и минатогодишната идеја за „Патувачкото кино“ низ Македонија и тоа во месец август, низ шест градови на нашата држава.