Културно – информативниот центар на Република Македонија во Софија со поддршка на Министерството за култура, реализира изложба на автентични носии и традиционални инструменти,како и голем етно-концерт на Ансамблот на народни инструменти и песни „Стефче Стојковски“ од Скопје.
Изложбата ќе биде поставена и отворена во просториите на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, вечерва (понеделник, 7 мај) со почеток во 19:00 часот. Етно-концертот ќе се одржи следниот ден (вторник, 8 мај) во салата „Земјата и луѓето“ со почеток во 19:00 часот.
Ансамблот „Стефче Стојковски“ е репрезентативен ансамбл, со бројни настапи ширум светот и бројни признанија. Изложбата и концертот се организираат во пресрет на Денот на Европа – 9 мај, а за двата настани владее голем интерес кај публиката во Софија.
За значењето на Денот на Европа за Македонија, за богатството на македонската фолклорна традиција и репрезентативноста на Ансамблот ќе зборува директорот на Културно-информативниот Центар Васко Шутаров, кој заедно со Стефче Стојковски ќе ги прогласат за отворени деновите на македонскиот фолклор во главниот град на Бугарија.