По повод големиот христијански празник Свети Климент на 51-то издание на фестивалот „Охридско лето“ токму на 8-ми август во катедралната црква „Св. Софија“ со почеток во 21:00 часот со музиката на православието, на публиката ќе и се претстави српскиот хор „Мелодија“ под диригентство на прекрасната Дивна Љубојевиќ.
– По традиција, секоја година на овој голем празник, посветен на патронот на градот, Свети Климент Охридски, во програмата имаме учество на хор на духовна музика. Особено се радувам што оваа година за првпат на фестивалот ни доаѓа Дивна Љубојевиќ и нејзиниот ансамбл „Мелоди“, репрезент на српското и, воопшто, православното, духовно музичко наследство низ Западна Европа. Посебно ми е драго што, покрај врвната светска кариера што ја гради, Дивна Љубојевиќ и е добро позната и на македонската публика и интересот за овој концерт е огромен – изјави музичкиот селектор на фестивалот Гордана Јосифова – Неделковска.
Дивна Љубојевиќ од својата десетта година учи црковно пеење во манастирот „Воведување“ во Белград, а денеска предава на семинари низ Европа.
– Хорот Мелодија го сочинуваат оние кои на духовната музика и посветиле повеќе од слободното време. Нашето доаѓање во Охрид ќе го искористиме да ја запознаеме публиката со музиката на православието, со наследството кое ни го оставиле нашите претци и верувам дека ќе имаме можност да видиме барем дел од убавините на Охрид – ни рече Дивна.
Љубојевиќ со диригирање се занимава повеќе години – прво во пејачкото друштво „Мокрањац“ во Белград, а потоа во Првото Белградско пејачко друштво – најстарото во Србија, како негов најмлад диригент. Хорот и Студиото за духовна музика Мелодија ги основала во 1991 година заедно со група истомисленици и оттогаш работи како диригент и солист со овој ансамбл со кој веќе одржале повеќе од 500 концерти. Патронот на хорот е Св.Роман, познат во христијанската историја како „Мелод“ (Слаткопевец).
Од 2001- та година Студио Мелодија, заедно со својот диригент, го претставува српското, а пошироко и православното музичко наследство на концертите и фестивалите на кои настапуваат ширум светот, издавајќи и неколку компакт дискови, кои ќе остават белег и ќе зборуваат за убавините на музиката на православието.