„Дуо пијано“ и „Отворено летно кино“ на БИТ ФЕСТ

Денес, (понеделеник, 8 август 2011 година) на програмата на Бит Фест ќе проследите концерт на „Дуо пијано“ со почеток во 20:30 часот во НУ Завод и музеј – Битола.

Дуо пијано во состав  Билјана Димовска – Татјана Божиновска делува низ годините и на својот репертоар има програма од барок до модерна музика.  Има одржано повеќе рецитали низ земјата: Битола, Ресен, Охрид, а последен настап имаше на Интернационалниот фестивал ,,Интерфест”-Битола, 2009 година.

Концертната вечер во понеделник Дуо пијано ќе ја исполни со : Е.Григ – „Два симфониски танци“ (Adagio cantabile, Alegro energico), С.Рахманинов „Шест пиеси“ (Баркарола, Скерцо, Руска песна, Валс, Романса, Слава), М.Равен „Шпанска рапсодија“ (Prelude a la nuit, Malaguena, Habanera, Feria).

Пијанистката Билјана Димовска има настапувано на повеќе значајни манифестации во нашата земја,,Денови на македонската музика“, „Скопско лето“, „Битолско културно лето“, „Хераклејски вечери“, „Денови на полската култура во Македонија“, „Музички вторник“, а во 1998 во рамките на меѓународниот фестивал „Интерфест“ настапи на „Подиум на млади“.  Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди, има настапувано како солист со Македонската филохармонија и со Симфонискиот оркестар при факултетот за музички уметности.  Настапува и како камерен музичар, а во 2005 со саксофонистот Боби Коминовски имаат снимено CD.Има учествувано на повеќе семинари и мастер класи кај светски познати пијанисти.  Вработена е во Државното средно  музичко училиште во Битола како професор по пијано.

Пијанистката Татјана Божиновска има одржано повеќе концерти и рецитали: Бугарија, Србија, Романија, Франција,Италија, САД, Хрватска, Австрија. Има настапувано како солист со Македонската филхармонија и со Битолскиот камерен оркестар, настапувала на повеќе значајни манифестации.

Член е на триото ,,Интерарт” со кое активно концертира во земјата и надвор, на меѓународни фестивали и натпревари.  Имаат снимено три CD-а. Добитник е на повеќе државни и меѓународни натпревари.  Учесник е во европскиот проект, ..Пијано рефлексија на европската култура” кој се одржува низ пет земји:Франција, Австрија, Молдавија, Полска и Македонија.  Вработена е во средното музичко училиште во Битола како професор по пијано.

Амфитеатар Тумбе кафе 08.08.2011  21:00 часот  The 40 year old virgin    –   комедија

Од понеделник 08.08.2011 започнуваат деновите на „Отворено летно кино“ во Битола кои ќе траат до 14.08.2011.  Отвореното летно кино е во Програма на БИТ ФЕСТ, а во организација на Младински Европски Форум.  Проекциите на филмовите ќе бидат секој ден во 21:00 часот во Амфитеатарот Тумбе кафе.  Во рамките на отвореното летно кино ќе бидат прикажани 7 филмови, од кои 2 комедии, 3 трилери, 1 хорор и 1 авантура/фантазија.

The 40 year old virgin е комедија во која 40 – годишен маж вработен во продавница за електроника, без никакво сексуално искуство сретнува самохрана мајка и се заљубува…Филмот е урнебесна комедија, а главната улога ја игра Steve Carell.

You May Also Like