Во рамките на годинашното Битолско културно лето – Бит Фест , од денеска (понеделник, 23 јули) во НУУБ „Свети Климент Охридски“ започнува проектот „Биди Кабадаја- читај книги“, кој ќе биде отворен до 20 август.
Околу 70% од луѓето избегнуваат да ги читаат училишните лектири и дела, а со тоа имаат одбивност и кон останатата литература. Во активниот ден од околу 16 часа, зошто да не може да се изнајдат барем 2 часа за читање на некоја добра книга и добро место за читање на книга? – пишуваат во дел од својот конкурс организаторите на повикот „Биди кабадаја – читај книги“.
Земете добра книга, најдете добро место за читање, кафенце до Вас и уживајте. Фотографирајте се, најдете алтернативни места за читање на книги и испратете ги на нашиот профил на facebook (ПОРАКА) или на адресата Ленинова бр.39 – Битола, со назнака за проектот „Биди кабадаја – читај книга“.
Најдобрите фотографии ќе бидат наградени и изложени во холот на Библиотеката.