Друштвото на писателите на Македонија во текот на месец март ќе прима апликации за членство…
Пристигнатите ќе ги разгледува Претседателството на ДПМ на редовна седница во април и по пат на гласање ќе ги избере кандидатите кои ги задоволуваат критериумите за избор.
-Пожелно е апликантите да се творци на дела со забележлив критички одглас во јавноста и да се личности кои се посветени на развојот и афирмацијата на литературата во современото општество.
Особено се поттикнуваат помладите автори на возраст до 35 години, како и книжевните творци кои пишуваат на јазиците на националностите, соопшти ДПМ, додавајќи дека основни критериуми ќе бидат уметничките квалитети на понудените авторски дела и степенот на нивна препознатливост и потврденост во релевантните книжевни кругови.
Апликациите за членство треба да се упатат до Претседателството на ДПМ заедно со: примероци од најмалку три и најмногу четири авторски книги (доколку имаат повеќе објавени дела); био-библиграфија во која ќе се потенцираат сите постигнати успеси на книжевен план (критички осврти и награди, застапеност во списанија, антологии и избори, учества на книжевни фестивали и други манифестации, преводи и препеви на други јазици) и две препораки од истакнати писатели.
Апликациите, книгите и останатата документација може да се достават лично или по пошта во просториите на ДПМ, на ул. „Максим Горки“ бр.18, секој работен ден од 9 до 12 часот, или да се пратат во електронска форма на адресата drustvonapisateli@gmail.com. Ќе се уважат и скенирани препораки со потписи и книги во ПДФ.