И оваа година забавата во Охрид ќе мине во знакот на концертите и забавните содржини што ги нудат фестивалите „Ohrid calling“ и „Охридско лето“, како и настапите на познати музички ѕвезди од регионот и звучни имиња од домашната сцена.
Како настан што се очекува да привлече најголем број гости од земјава и странство се концертите во рамки на „Ohrid calling“ и концертите на светски познатите диџеи Dimitri Vegas & Like Mike на први август, Jax Jones & Roger Sanchez на втори и ветеранот Armin van Buuren на четврти август.
Од „Авалон“ велат дека се работи за елита на актуелната електронска музичка сцена во глобални рамки, за што потврда се резервации за концертите на поединци и групи гости не само од регионот, туку и од повеќе западноевропски центри каде се врши понуда за билети за настанот.
За годинашното издание на „Ohrid calling“ билети првпат се продаваат и преку европскиот сервис на „Eventim“, со забележителна побарувачка во Англија, Италија, Холандија, Белгија…
– Со „Ohrid calling“ Македонија, но и регионот веќе добиваат настан на кој многу познати туристички центри можат да позавидат. Секако, тука е од огромна важност поддршката што ја има фестивалот од спонзорите и Општина Охрид, рече Илиоски од Авалон.
Покрај концертите во рамки на „Ohrid calling“, за празничните денови кога покрај посетеноста Охрид ја достигнува и кулминацијата во бројот понудени содржини на гостите на понуда за забава им се и закажаните настапи на „Галија“, концертот на „Синтезис“ за роденденот на „Охридско лето“ на 4 август, како и концертите на Влатко Стефановски, Владо Јаневски, Каролина Гочева, Владимир Четкар…