Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, утре (вторник, 28 јуни 2011 година), со почеток во 20:00 часот, ќе биде промовирана ликовната книга „Скици за осврт во неколку концепти“ на Благојче Наумоски – Бане.
Бидејќи станува збор за уметнички продукт, книгата на уметникот генерално е индивидуална визија и избор на создавање ослободена од уредничка, издавачка и маркетиншка политика, а пред се од цензура и рецензија.
Благојче Наумоски преку овој медиум со своето современо уметничко размислување создава експресија на својата креативност, претставувајќи мноштво процеси и експерименти на психичките состојби при создавањето на уметничкото дело.
Неговите истражувања манифестираат дематеријализација на уметничкиот објект, дематеријализација на класичната процесуалност на уметничкото дело и заложба за алтернативна платформа на делување, добивајќи ферментирана експериментално – концептуална форма. Тие истражувања, во дадениов случај создавааат алтернативен документарен простор, ја деконструираат литералната и типографска форма на книгата, во целост ја менуваат примарната нејзина функција, која преминува во хибридна форма на интермедиум, еден вид интеракција помеѓу психичкиот уметнички објект и психичката состојба на умот при процесот на творење.