Во понеделник (27 јуни 2011 година), со почеток во 20:30 часот, во Националната галерија на Македонија (објект Мала станица) ќе се отвори самостојната изложба на Бајрам Џелили, со наслов Мимезис.
Бајрам Џелили е автор кој го користи ателјето во кое што работи, како експериментална лабораторија каде што ги остварува своите истражувања, како областа на графичките техники, така и во просторите на духовните преобразби и метафизичките трансформации.
Посветеноста на природата и феномените што ги рефлектира таа, се основната карактеристика на неговиот уметнички опус. Создавајќи спој меѓу источната философија во разбирањето на животот како манифестација на непрекинатиот тек на енергијата, која ги менува својот облик, интензитет и форма и личните доживување, создава визуелни претстави на нешто што е непостојано, недофатно и непоимливо за човекот.
Визуелното восприемање на светот кој го опкружува и испреплетено со неговата имагинација создава своевиден мозаик што се преточува во сликовни преточува во сликовните претстави. Овие дела откриваат друга димензија – создаваат портал што води до неговите емоции и творечки сензибилитет. Оваа ментална слика на енергијата преобразена преку контемплативната посветеност на Џелили е преточена во уметнички израз со исклучителен естетски облик.
Изложбата ќе биде отворена до 10 јули 2011 година.