На прагот на шестата деценија од постоењето на фестивалот „Охридско лето“, сакам да изјавам дека да се биде дел од тимот кој во минатиот половина век, со голем ентузијазам и внимателно го градеше овој бастион на уметноста е голема чест.
Потребно е да се има почит кон традицијата, но во исто време да се има и сознание за современите текови во уметноста и, се разбира – визија за иднината и струењата на светската уметничка сцена. Токму тоа е и замислата на овогодинешната програма: наоѓајќи ги своите цврсти корени во традицијата, да ни ги открие и светлите предизвици на иднината!
Во оваа шеста деценија, фестивалот „Охридско лето“ врти нова страна и во смисла на концепција, визија и движење и со гордост најавува проект, кој не само што за првпат ќе се реализира во Македонија и на Балканот туку е ретка можност да се види и во големите европски и светски метрополи, со што уште еднаш се потврдува дека фестивалот ги следи современите текови на уметничките случувања, издигнувајќи го на тој начин културниот живот во Република Македонија на сцена од светски размер.
На 12.7.2011 година, на Античкиот театар, по 51-ви пат свечено ќе се отвори фестивалот „Охридско лето“ со изведба на делото на Оторино Респиги, „Трилогиа Романа“, во изведба на Македонската филхармонија, а во продукција на шпанската компанија Ла Фура делс Баус. Посебна гордост е тоа што оваа изведба ќе биде дел од светската премиера на ова дело која ќе се случува на 17.6.2011 во Валенсија, на 2.7.2011 во Рим и, секако, на 12.7.2011 во Охрид.
Трилогиа Романа содржи три дела во кои Респиги успева да создаде сопствен, безгранично поттикнувачки јазик, исполнет со имагинација.
Имено, ова капитално музичко дело го сочинуваат:
– Фесте Романе (1926)
– Фонтане ди Рома (1916)
– Пини ди Рома (1924)
Компанијата Ла Фура делс Баус го реализира овој проект со желбата само да се даде светло на една симфонична поема, да остават да ги понесе музиката и да ја восприемат содржината и сето тоа со јасна замисла: да нема ниеден актер на сцена, никој да не и го украде протагонизмот на музиката и светлото, на сцена да биде само диригентот и музичарите од оркестарот. Музиката на Респиги дозволува музичарите со своите инструменти да бидат големите протагонисти, со своја кореографија која произлегува од велелепноста на партитурата.
Околу музичарите монтирани се екрани кои ја примаат светлината од видео проекторите и произведуваат слики на вода, скулптури, борови, фигури и сенки во постојано движење. Целиот проект е реализиран на таков начин да централната улога ја има имагинацијата: публиката да си ги визуелизира светлосните линии кои доаѓаат од звучните бранови произведени од симфонискиот оркестар, а во исто време да ги реинтерпретираат идеите кои на Респиги му поминале низ глава додека ги компонирал овие три грандиозни партитури. Музика и светло. Слики и движење.
Ла Фура делс Баус е компанија која, уште од основањето во 1979, пристапува кон нови предизвици во областа на сценските уметности, а до сега организирала перформанси во многу земји како Бразил, Колумбија, Австралија, Кина, Русија, Италија, Холандија, Шпанија и други. Во 2011 година компанијата премиерно ќе изведе седум нови оперски дела, а во исто време ќе заживее четири стари опери и ќе има свои настапи во Дубаи, Исланд и Кореа. Особена чест е што оваа година и Македонија ќе заземе свое место на нивната уметничка мапа.