Во дискотека Б2 во Скопје , секој понеделник имате можност да ја гледате претставата Роберто Зуко во режија на Ирена Стеријовска. Дали се раѓаме чисти и празни? Дали љубовта како принцип е доволно безусловна за да може да ги премине сите граници и на крајот да го оправда постоењето на терминот „човек”?
Претставата Роберто Зуко е вистинска приказна за еден италијански сериски убиец кој во крајот на 80-тите бил меѓу најбараните криминалци во Европа., преку кој, вака или онака , ги дознаваме одговорите на овие и на еден куп навидум слични прашања.
Со релативно млада и не многу афирмирана актерска екипа кои го задржуваат вашето внимание на сцената како професионалци. Улогата на главниот лик Роберто Зуко , пред театарските столчиња вешто ни ја пренесува младиот актер Александар Горгиески, кој вели дека се пронаоѓа во оваа улога, како радикален и лик со кој не се прави многу лесно компромис. Роберто Зуко според него е секој нормален човек кој размислува поинаку од нормите кои ги наметнува општеството, така одбива да ги почитува истите, барајќи целосна слобода, но никако не може да ја најде. Роберто Зуко го убива сопствениот татко , а неговата мајка се откажува од него.
Претставата е адаптирана за секого, особено за младата публика, има сцени кои потсетуваат на денешницата толку многу, така што заборавате дека седите на театарско столче, нормално за тоа се заслужни актерите.
Во приказната се појавува ликот на Малечката,”… еден вид типизирана малечка која се наоѓа во денешното општество, која не ги исполнува условите кои ги бара Зуко, а тоа се безусловна слобода и безусловна љубов, не по своја волја , туку по волја на нејзиното семејство. Доцна сфаќа дека не требало да го прашува ни како се вика …” – вели Кристина Ласовска , младата актерка која ја толкува оваа улога.
Малечката е воспитувана патријархално, од страната на својата постара сестра и постар брат, кои изгорени од огнот наречен општество , се обидуваат да ја заштитат се до оној момент кога Малечката ќе стане голема.
Сестрата на малечката е актерката Слаѓана Вујошевиќ , која покрај тоа ја игра и улогата на газдарицата на борделот. Актерот Ненад Митевски е братот на Малечката.
Неколку актери покрај Слаѓана Вујошевиќ , толкуваат по две спротивни улоги, тоа е одличен предизвик за нив , а публиката со искреност може да оцени дека актерите се толку внесени во својата улога , така што добивате чувство дека станува збор за различни глумци. Во претставата учествуваат и Игор Георгиев, Теоман Максут, Сања Русеска, Бојан Велески, Катерина Чакмакоска.
Се надеваме дека ова ќе биде за вас еден вид провокација да ја посетите претставата.
Автор: Александра Овчарска