Претставување на годинешното издание на „Охридско Лето“

Дел од прес – конференцијата за 51-вото издание на фестивалот „Охридско лето“ која се одржа на вчера (среда, 6 јули 2011 година) во просториите на Скопски саем. Ви го презентираме обраќањето на Музички селектор на „Охридско лето“, Гордана Јосифова – Неделковска.

„Со особено задоволство ви ја претставувам годинешнава музичка програма на ,,ОХРИДСКО ЛЕТО” со која фестивалот го потврдува своето високо светско реноме.

Имаме неколку ексклузивни проекти поврзани со важните моменти на самиот фестивал. Тоа е, секако, неговото отворање со големиот спектакл во Античкиот театар со наслов Трилогија Романа во продукција на познатата куќа  „Ла фура делс Баус“, Барселона, Шпанија и Копродукција на Палау де лес Артс (Валенсија, Шпанија) и Опера ди Рома (Рим, Италија) во кој учествува Македонската Филхармонија под диригентската палка на маестро Андреас С. Вајзер од Германија. Да ве потсетам дека со ова, ОХРИДСКО ЛЕТО станува дел од светската премиера на овој несекојдневен музичко-сценски проект.

На роденденот на фестивалот, кога традиционално се одржува вокален концерт, ќе настапи атрактивен ансамбл од Русија со насловот ,,Тенори на 21-от век” – осум врвни пејачи со програмата од најдобрите класични и современи дела во придружба на оркестарот на МОБ под диригентската палка на Сергеј Смбатјан од Ерменија. Посебно сме горди што на фестивалот ќе настапи еден од врвните музичари на денешницата – британскиот виолинист Најџел Кенеди, подеднакво ненадминлив во класичниот, џезот и модерниот репертоар.

На ова фестивалско издание учствуваат бројни странски ансамбли и солисти од врвен калибар кои за прв пат доаѓаат во Македонија: камерниот оркестар од Тулуз – Франција, квартетот ,,Чајковски” од Русија, хорот ,,Мелодија” од Србија, КоторАрт Трио од Црна Гора, квинтетот саксофони ,,Алијаж” од Германија, уникатниот ансамбл за ренесансна музика ,,Хортус Музикус” од Естонија, Дуото пијано Марк Соле-Лери и Фредерик Шовел од Франција. Фестивалската публика ќе има можност да ги запознае кларинетистот Чарлс Најдих од САД, италијанските изведувачи – гитаристот Едуардо Катемарио и виолончелистот Енрико Бронци, виолинистите Јарослав Нажицки од Полска кој ќе настапи на веќе традиционалната Вечер на ЕУ на ,,Охридко лето” и Доријан Џоџи од Албанија.

За реализацијата на овие проекти особена благодарност им упатувам на Амбасадите на САД, на Република Франција, на Сојузна Република Германија, на Република Полска, како и на Францускиот културен центар. Руската пијанистичка школа ќе биде претставена со познатите пијанисти од помладата генерација Александар Гиндин и Алексеј Володин, а на големо задоволство на пријателите на фестивалот повторно ќе настапи брилијантниот Борис Березовски – миленик на фестивалската публика. На програмата има и посебно интересни меѓународни проекти со учеството на реномираните светски и македонски уметници.

Сигурно, со посебно внимание ќе биде проследен специјалниот мултижанровски концерт на кој ќе настапат двајца исклучителни уметници од овие простори: виолинистичката ѕвезда Стефан Миленковиќ и рок ѕвездата Влатко Стефановски со специјален гостин Васил Хаџиманов. Друг атрактивен проект е со наслов ,,Љубовта е начин” на наш реномиран автор и изведувач Дуке Бојаџиев заедно со Камерниот оркестар на Македонската Филхармонија и вокални и инструментални солисти од повеќе земји. Со овој, но и неколку други концерти го застапуваме македонското композиторско творештво. Младата пијанистка Јана Павловска која живее и работи во САД настапува со квартетот ,,Чајковски”.

Македонските уметници на овој фестивал ќе бидат претставени со триото ,,ВАМ” составено од реномираните музичари од помладата генерација: Марија Ѓошевска – пијано, Владимир Костов – виолина и Александар Котевски – виолончело и дуото на млади успешни музичари: Ѓорѓи Димчевски – виолин и Весна Димчевска – пијано. Традиционално на фестивалската програма се проектите на Музичката младина на Македонија: новиот оркестар Јеунессес Мовинг Орцхестра под диригентската палка на Миша Кац од Франција и завршниот цонцерт на пијано семинарот под раководство на проф. Борис Романов.

Младите уметници, исто така, се претставени на концертот со насловот ,,Младите доаѓаат!…” на кој учествуваат веќе експонирани музичари – студенти и дипломци на ФМУ – Скопје: Дино Имери – пијано, Софија Никоска – виолина, Катерина Баческа – флејта и Христина Никоска – пијано. Со тоа, музичката програма на фестивалот ,,Охридско лето” брои концерти на кои учествуваат музичари од многу земји со атрактивни програми, почнувајќи со музиката од Среден век до најновите музички дела.

На крај сакам да ја истакнам огромната благодарност за поддршката до Министерството за Култура на Република Македонија, како и блгодарност до нашите спонзори и помагатели.“

You May Also Like