Виолинскиот виртуоз Најџел Кенеди на Охридско лето

За првпат на фестивалот„Охридско лето“, ќе гостува светскиот водечки виртуоз на виолина, Најџел Кенеди. Долги години наназад, фестивалот се обидуваше да го донесе овој уметник, кој во светот претставува вистинска атракција, и задоволството е големо што тоа ќе се случи оваа година.


Најџел Кенеди е најпродаваниот класичен виолинист на сите времиња и има снимено десетици концерти кои важат за најпродавани, меѓу кои се Бах, Бетовен, Берг, Брамс, Менделсон, Сибелиус, Чајковски и Валтон. Кенеди е единствен по тоа што, освен класичното свирење на виолина, е и одличен џез музичар кој со својот „Најџел Кенеди бенд“ го обиколува целиот свет и приредува концерти кои прераснуваат во вистинско шоу и спектакл. Токму затоа неговиот настап на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде со комбинирана програма од класична и џез музика. Во првиот дел уметникот ќе свири соло Бах, а во вториот ќе ни приреди извонредни аранжмани на еден од најпознатите американски џез музичари, Фатс Волер. Најџел Кенеди ќе настапи заедно со Џарек Смиетана (гитара) и Томас Купиец (контрабас).

Концертот ќе се одржи на 16 јули 2011 година во предворјето на црквата Св. Софија.

За време на неговата 25-годишна кариера, Кенеди остварил многу интернационални турнеји, настапувајќи со најголемите светски оркестри и диригенти низ Европа, Северна Америка, Централна и Јужна Америка, Југо-источна Азија и Австралија. Некои од неговите поважни настапи се Лондонската Ројал Фестивал Хол во 1977, Берлинската филхармонија во 1980, оркестарот од Њујорк во 1987 и францускиот оркестар во 2004.

За време на неговата исклучителна кариера, Кенеди привлекувал огромно внимание од светските медиуми и неговите телевизиски настапи се следат со огромно внимание. Кенеди има остварено бројни јавни и приватни настапи за членовите на Британското кралско семејство. Има добиено повеќе награди, меѓу кои награда за исклучителен придонес во британската музика и награда за машки артист на годината на Брит Авордс. Исто така е добитник на награди и во Франција и Швајцарија.

Своевремено, Кенеди пројавува голем интерес за џезот, што резултира со издавањето на неколку бест-селери, албуми што имаат огромен придонес во модерната џез музика и го вбројуваат Кенеди меѓу најголемите имиња од овој жанр.

Најџел Кенеди има основано неколку музички состави со кои настапува, меѓу кои се „Најџел Кенеди Квинтетот“ и неговиот најнов состав, „Оркестар на животот“.

Виолината на која свири Најџел Кенеди е изработена во 1732 од големиот мајстор Карло Бергонзи од Кремона, Италија.

You May Also Like