Центарот за култура Битола, од 29 јули до 1 август 2011 година, ќе го реализира 41. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.
Оваа година во рамките на фестивалот ќе настапат 32 фолклорни групи и ансамбли од Македонија, Австралија, Мексико, Полска, Романија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Грција и Турција. Свеченото затварање на „Илинденски денови“ Битола ќе се заокружи за првпат со концерт на етаблираниот државен ансамбл на народни игри и песни „Танец“ од Скопје кој ќе се одржи на 1 август во амфитеатарот „Хераклеа“ со почеток во 21 часот.
Во рамките на фестивалот ќе настапат еминентни фолклорни групи како што се: „Реситеана“ Ресита, Романија, „Врзосовиание“ Поцзесна, Полска, „Хој – тур“ Чанкаја, Турција, Балет фолклорико „Оризаба“ Мексико, МКД „Свети Кирил и Методиј“ Крањ, Словенија, АНПИ „Илинден“ Битола, „Петар Зрински“ Врбовац, Хрватска, . КУД „Бисер“ Џелонг, Австралија и многу други.
Фестивалската програма се состои од две вечери на традиционална музика и игра, староградска вечер и интернационална вечер. Особен белег на фестивалот му даваат и придружните манифестации: „Ехо од дамарите“, Семинарот за традиционална музика и игра, фестивалскиот караван со гостувања во Скопје, Демир Хисар и Ресен, дефилето „Со песни и ора низ битолските улици“ и манифестацијата „Оро на широк сокак“.
Како локации за ова издание на „Илинденски денови“ се избрани античкиот локалитет „Хераклеа“, плоштадот Магнолија, Широк сокак, Центарот за култура, студентскиот дом „Кочо Рацин“, културниот центар Магаза и ракометното игралиште во Битола.
Традиционално, фестивалот е вдахновен од Свети Илија и се одржува во чест на државниот празник Илинден. Се бележи и како прослава на народниот уметник кој создал бројни дела со бесценета традиционална вредност. Оваа година фестивалот е посветен на јубилејот „20 години независна Македонија.
Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ Битола е посветен токму на традицијата, како симбол на највредните човекови креации кои ги издржале вредносните критериуми низ вековите. Формиран во 1971 година, како нов креативен чекор во заштитата на традиционалните вредности, фестивалот го покажа вистинскиот правец кон зачувување и презентирање на народната култура.