Вокалната група „Езерки“ и оркестарот „7/8“ од Република Хрватска ќе имаат свои настапи низ повеќе градови во Македонија, и тоа: на 18 јуни во Гевгелија, на 19 јуни во Штип, на 20 и 21 јуни во Скопје и на 22 јуни во Велес.

Станува збор за состав, кој веќе 13 години функционира во рамките на Хрватско-македонското друштво од Загреб, а оркестарот постои од 2000 година. Членовите на овие два состава се хрватски државјани, дел родени во Македонија, а дел вљубеници во Македонија и во македонската народна музичка традиција. „Езерки“ е група на пејачки кои пеат во три гласа, а групата „7/8“, која има 8 членови, користи автентични македонски инструменти, како што се: тапан, кавал, дајре, но и нетипични, како: виолина, мандолина и брач. Во двочасовната програма, на настапите, ги изведуваат народните песни Елено ќерко, Јовано Јованке, Македонско девојче и многу други, како и бравурозните ора Калајџиско, Комитско, Касапско и многу други.
Вокалната група „Езерки“ има издадено две ЦД-а, а со свои концерти настапила во повеќе балкански земји и во Италија.