Медиумите и популарното – проблем или придобивка на модерното време

Без оглед на возраста, полот, расата, економскиот или социјалниот статус, сите сме подложени на влијанието на медиумите. Оваа форма на комуникација е еден од главните извори на информации а воедно и забава. Начините на пренесување на информациите многу се промени во текот на последниве неколку декади.

Кога ќе спомнеме масовни медиуми, тоа ги опфаќа: секојдневната телевизија (вести, документарни емисии, забавни емисии), филмската и музичката индустрија, социјалните мрежи, весниците, магазините и интернет весниците, веб страните.

Денес технологијата и протокот на информации, речиси ги управуваат нашите животи. На прашањето дали тоа е добро или лошо, секогаш ќе има спротиставени мислења, и најверојатно никогаш нема да се дојде до конечен заклучок. Единствено нешто што може да се направи во оваа ситуација е да се изложат предностите и недостатоците на медиумите.

ПРЕДНОСТИ И НЕДОСТАТОЦИ НА МЕДИУМИТЕ

1. Предност: Одлична информираност за се она што се случува во светот во секоја област. Најновите информации поврзани со медицинските истражувања, културните збиднувања, и од другата страна светските катастрофи, криминалот итн.

Пример: да не постоеја документарните емисии на телевизиите како National Geographic или Discovery Science немаше да знаеме дека Плутон веќе не се смета за планета, или дека и позади неа има уште неколку планетоидни тела, или дека универзумот се шири забрзано е не успорено. Да не беа светските вести немаше да знаеме за земјотресот во Јапонија или Хаити, или нашиот Скопски катастрофален земјотрес, и немаше толку брзо да се реагира соодветно.

Недостаток: До толку да бидеме преполнети со информации, така што ќе имаме впечаток дека крајот на светот е веќе тука. И тука доаѓа и точноста на информациите на медиумите. За жал многу често се случува некои информации да бидат преувеличени за еден медиум да добие добар рејтинг, или пак изворите на информациите не се сосема точни туку се претпоставки.

2. Предност: Брз и едноставен пристап до литературата потребна за пишување на трудови благодарение на интернет страниците, можноста да се најде странска литература за темата која ја обработуваме, па и самата литература на некој начин е дел од медиумскиот свет.

Недостаток: Тука повторно доаѓа во прашање точноста на информациите. Не се сите интернет страници изработени од професионалци од таа област. На пример Wikipedia е една од најголемите енциклопедии во светот и која ја има на повеќето јазици зборувани во целиот свет, но во таа интернет база секој има право да влезе и да измени нешто, со што се намалува нејзиниот кредибилитет.

3. Предност: Медиумите, поточно информациите кои доаѓаат од медиумите, без разлика дали се позитивни или негативни секогаш можат да и придонесат на човековата креативност. Многу често луѓето, речиси секогаш, добиваат инспирација од се она што се случува во нивната околина. Голем број на bestseller книги не би биле напишани доколку писателите немале пристап до информации за места во кои не биле, настани кои се случиле, или дејствата на некои луѓе.

Недостаток: „Инспирацијата“ има и своја лоша страна. Голем број на масовни убиства се случувале токму поради тоа што веста излегла од медиумите. Некои од луѓето кои ги следеле овие вести, добиле инспирација и тие самите да го направат истото.

4.Предност: Медиумите се еден од поголемите извори на забава. Филмови, музика, книги итн.

Недостаток: Филмовите, видео спотовите, и музиката сама по себе понекогаш доведува до менување на вредностите кај луѓето. Голотија, насилство, вулгарност се многу често присутни во нив, а гледачот или слушателот може понекогаш да потпадне под нивно влијание, бидејќи некој од ликовите го смета за свој идол, и сака да изгледа и да се однесува како него.

Постојат уште многу вакви примери за предности и недостатоци во врска со медиумите, но на крај сепак до нас е тоа да одлучиме во што ќе веруваме, и како ќе ги искористиме информациите кои доаѓаат до нас.

Марија Серафимовска

You May Also Like