Владислав Бајац е писател, преведувач, новинар и издавач, основач на издавачката куќа „Геопоетика“ од Белград. Тој е добитник на книжевната награда „Прозарт“ на првиот Меѓународен фестивал на прозата „Про-за Балкан“, што од 4-6 март 2013 се одржа во Скопје.
Во Скопје добивате награда за афирмација на балканската книжевност, се чувствувате ли како писател кој ја афирмира оваа книжевност и кој придонел за нејзин развој?
– Наградите се секогаш се убави. Јас доста патувам и моите книги не се преведени само на Балканот. Јас сум од оној тип на писатели кои се гордеат со Балканот, секако се срамам од она што е за срамење, како и секој нормален човек, но немам проблем со топонимот Балкан , ниту со лошото ехо што тој го има. Мене на пример ми е понавредливо да се викаме Југоисточна Европа или Руританија, како во некои теоретски или есеистички книги (како онаа на Весна Голдсворти), што всушност покажува дека Балканот дошол на лош глас, благодарение на книги и филмови од западни автори во кои има лажни податоци. Тие слики и предрасуди јас секогаш се обидувам да ги демиситифицирам и тоа не само усно. Кога ќе се вратам наназад, сфаќам дека никогаш не сум бегал од овој простор, дури и кога сум пишувал за средновековна Кина. Тлото кое е предхристијанско е мотив на пример во „Друидот од Синдидун“, потоа тука се „Амам Балканија“, како и најновите „Гастрономадски приказни“ во кои се занимавам со Балканот. Тоа што сум преведуван берувам дека е резултат и на тоа што сум целосно отворен спрема словенските души, а и не само нa Балканот, туку и спрема сите вери, религии…некогаш на шега велев дека сум таков затоа што сум наивен, но и тоа не е лошо. Наивноста и утопизмот во уметноста се оценуваат како органиченост, јас не бегам од тоа, туку го сфаќам како комплимент. Да не заборавиме дека некои нешта одат напред, само затоа што некој некаде удира со глава в ѕид.
Одамна сте присутен на книжевната сцена не само во Србија или некогашна Југославија, туку и пошироко во европски рамки. Според Вашето искуство што значат ваквите средби и фестивали? Дали тие на некој начин се обнова на мостовите меѓу балканските култури кои се блиски, а сепак далечни?
– Не е доволно општо само да се фалат ваквите идеи, затоа што за да се дојде до вакво нешто треба многу работа. Фестивалов (Про-за Балкан, н.з) не само што е прв, туку е и оригинален, различен е од други, бидејќи ги спојува читателите, медиумите и авторите во исто време. Темата општо е Балканот и неговата проодливост во различни форми и жанрови. Мене не ме изненадува таа оргиналност, бидејќи јас од Македонија (каде што сум доста често) очекувам навистина многу. Лошо е кога очекувањата нема да се исполнат, но тука е спротивно. Тоа е Балканот, имате еден вид на луѓе кои се креативни и чија енергија ослободува. Токму тоа беше и целта на нашата среба, да се зборува за многу важни теми. Ова не беше стратешко партнерство меѓу политичари, туку, се збориваше за егзистенцијални, креативни, културни работи кои ја врзауваат една култура и цивилизација.
Во вашите претходно споменати дела често „играте“ со историјата и географијата, но на нивниот фон пишувате и приказни кои имаат субјективни ноти?
– Забележав дека со годините почнав да пишувам и лични нешта. Со години ме обвинуваа дека се занимавам со апстракција, дека немам допирливи нешта, а јас сметав дека без доволна дистанца од сопствениот или кој било живот, човек не може да направи добро дела, но можеби грешев. Долго се занимавава со нешта кои не се лични. Но како може да пишувате за нешто ако не е лично дури и на метафизичко ниво. На пример јас пишувава за зен-будизмот, иако сум православен. Мојот татко ја заврши Сремско-карловачката богословија, јас низ дома слушав црковно пеење од човек кој потоа беше комунист. Потоа пишував и за комунизмот и за будизмот и за еврејството и за исламот. Но тоа не е чудно Homo Universalis секогаш постоел, а јас можеби сум го утнал векот во кој живеам.
Имате изјавено дека Леонард Коен е Вашиот двојник? Него и Орхан Памук ги има и во Вашата книга „Амамот Балканија“ токму како одредена игра со двојството?
– Некогаш бев скромен и се плашев да зборувам за луѓето што ги познавам. Во животот запознав неколку, односно доста луѓе од кои можев да научам нешто. Најпрвин се плашев дека тоа е фановски однос, но со тек на време сфатив дека и тие луѓе од мене добиваат нешто. Тоа е однос, кој е љубов, секако не хомосексуална, но емотивна. Леонард Коен е можеби најмудриот човек што јас го познавам, а во исто време и најемотивниот и тоа е тешко. Тој го има поминато сличниот пат со будизмот како и јас, а тој е и Евреин, но се занимавал и со христијанството. Ние се разбираме и во креативна смисла, во однос на творештвото. Имам дамнешна желба да напишам за него книга, за нешта кои не се тајна, но кои со мои зборови можеби би добиле поинкави значења. Се обидувам повторно да се видам со него, тој има 79 години, има нов албум, се надевам ќе може да ни се вкрстат патиштата повторно, можеби и во Белград. И со Орхан Памук сум во комуникација, не само како негов издавач, туку и како пријател. Постојат и многу непознати луѓе кои можеби се доста поинтересни од нив, но тие се тајна.
Александра Јуруковска
———————————–
Владислав Бајац е роден во 1954 година во Србија. Студирал Општа и јужнословенска книжевност на Филолошкиот факултет во Белград и работел како новинар и преведувач до 1993 година, кога ја основал издавачката куќа „Геопоетика“ Од 2008 до 2010 година бил и потпретседател на српскиот ПЕН-центар. Тој има има напишано дванаесет книги, меѓу кои шест романи, четири збирки раскази и две збирки поезија. Добитник е на многу светски награди за своите дела. Два пати ја освојувал наградата на Итан – Меѓународен конкурс за хаику поезија во Токио, прво во 1991, а потоа и во 1993 година.
Збирки со кратки раскази: „ Европа на грбот на бикот“, издадена во 1998 година и „Подметка за сништа“, издадена во 1992, за која ја освоил и наградата Стеван Пешиќ за најдобра прозна книга на годината.
„Книга за бамбусот“ е неговиот прв роман ( издаден на македонски од „Три“, 2008 година). „Црна кутија“ издадена во 1993 година, со кој ја добил наградата Борислав Пекиќ, „Друидот од Синдидун“ издадена во 1998 година (на македонски издадена од „Магор“ во 2002 година), роман кој освоил две награди – Бранко Ќопиќ, која ја доделува Српската академија на науките и уметностите и наградата Шести април.
Неговиот четврт роман,„ Бегство од биографија“ (на македонски јазик го објави „Три“, 2011 година), бил добитник на Хит либрис, додека „Европа експрес“ (на македонски издадена од „Македонија презент“ во 2004 година) ја добил македонската наградата „Златен прстен“ во 2003 година. Романот „Амамот Балканија“ (издаден на македонски од „Магор“, 2011 година) а ја доби престижната меѓународна награда Балканика за најдобра книга во 2008 година.
Бајац е добитник на дваесетина релевантни награди и десетина номинации. Неговите дела се преведени на дваесетина светски јазици и многу од нив се адаптирани за театарски претстави. Негова последна книга е „Гастрономадски приказни“.