Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари средба со диригентите на хорските состави на која се разговараше за состојбите во хорската дејност. По средбата, министерката за култура во изјавата за медиумите го потенцираше значењето на хорските ансамбли, кои како здруженија на граѓани, активно дејствуваат во Република Македонија и го збогатуваат културниот живот во нашата земја.
–Хорската музика е фундамент на современата македонска култура имајќи го во предвид фактот дека голем број на македонски композитори, особено од првата генерација, го пронашле сопствениот јазик преку овој вид на творештво. Токму затоа, дејствувањето и поддршката на овие ансамбли е високо во приоритетите на Годишните програми на Министерството и со задоволство ќе забележам дека средствата за оваа дејност, од година во година се зголемуваат. Во своите програми Министерството обезбедува поддршка за мешаните, еднородните и детските хорови како женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“, женскиот хор „Менада“, детскиот хор „Лале“ хорот при МКЦ, мешаниот хор Про-арс, хорот при КУД Стив Наумов, градскиот мешан хор „Вардар“, градскиот мешан хор „Гортинија“, хорот „Мирче Ацев“ и други, истакна Канческа-Милевска.
Таа додаде дека грижата за хорската уметност се потврдува и со поддршката на фестивалите за хорско пеење кои се реализираат во нашата земја како меѓународниот фестивал „Тетовски хорски одзиви-ТЕХО“, меѓународниот „Охридски хорски фестивал“ и републичкиот „Фестивал на детски и младински хорови“ во Кавадарци, а не изостанува и поддршката за меѓународната активност на овие состави.
–Ценам дека овие средби се извонредно значајни за идентификувањето на проблемите со кои се соочуваат музичките состави во нашата земја. Во оваа насока, сакам да го изразам моето уверување дека во иднина, заеднички ќе вложиме напори да ги надминеме потешкотиите со кои се соочуваат хорските состави во Република Македонија. Ќе работиме на обезбедувањето на соодветни услови за работа на хоровите, нивна континуирана поддршка, ќе го поттикнуваме формирањето на нови состави, подигањето на квалитетот на ансамблите, а сметам дека особено значаен сегмент е и творештвото, кое треба да бележи многу повеќе ново-создадени дела за хорска изведба, рече Канческа-Милевска и додаде дека со поддршка на Центрите за култура ќе се направат напори да се обезбеди простор за дејствување на некои од хорските состави.
Хорските ансамбли во периодот од 2010 до 2012 година освоија значајни награди на реномираните меѓународни фестивали и манифестации: Хорот при ФМУ- Скопје освои Златна награда во Варшава, Гранд при во Краков и сребрен медал во Римини, Хорот Света Злата Мегленска освои 2 златни награди во Грац и 1 сребрена во Швајцарија, Хорот Гортинија освои прва награда во Турција и Италија и прва и втора награда на меѓународниот хорски фестивал во Охрид, а Хорот при МКЦ освои Златен медал во Чешка и Хрватска и сребрен медал во Полска.
На средбата беа присутни Летка Полизова, диригент на хорот Света Злата, Сашо Татарчевски кој раководи со професионалниот мешан состав „Про Арс“ и со Хорот при МКЦ, Ивица Зориќ кој диригира со хоровите Менада и детскиот хор Лале, а организатор е на хорскиот фестивал ТЕХО, Љубо Трифуновски од Хорот при КУД Стив Наумов, Марија Андоновска од хорот „Кочо Рацин“, како и Илија Атанасов кој дигигира со хоровите Вардар, Гортинија и Мирче Ацев.