Просторот околу Милениумскиот крст се средува

Започнаа градежните работи за партерно уредување на платото околу Милениумскиот крст, кои ги спроведува Градот Скопје. Почетокот на градежните работи на платото го означи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

– Според проектот, ќе се уреди површина од 2.840 квадратни метри на којашто ќе се оформат два кружни исечоци. Поголемиот круг е со радиус од 20 метри, а помалиот со радиус од 8 (осум) метри. Површината ќе се покрие со различни типови камен коишто ќе се вклопуваат во планинскиот амбиент. Во круговите на платото ќе се постави урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци и осветлување. Кон двата круга ќе води патека покриена со рустикални камени плочи. Новоформираното плато ќе го облагороди просторот околу Милениумскиот крст, а на посетителите на врвот на Водно и на корисниците на жичарницата ќе им понуди пријатно катче за одмор и рекреација – рече градоначалникот Трајановски.

Како дел од активностите за уредување на платото околу Милениумскиот крст ќе се уреди и просторот околу планинарскиот камен (највисокото место на Водно) на којшто ќе стои натписот КРСТОВАР 1066,74 метри нв, како и просторот околу катастарскиот камен (којшто е обележје на првата поставена геодетска кота – реперна точка – во Скопје).

Градежните работи се очекува да завршат за два месеца. Во текот на градежните работи на платото околу Милениумскиот крст нема да има попречување на движењето на планинарите и рекреативците што го посетуваат врвот на Водно.

Проектот за уредување на платото околу Милениумскиот крст го изработија архитектите Јован Стефановски – Жан и Ивана Стефановска.

Во изградба се и 3 павиљони, односно летниковци, до кои ќе се прави детско игралиште. По пуштањето на жичарницата, кое е предвидено да биде на 24 мај, Милениумскиот крст ќе биде едно од најпосетуваните места и во летниот и во зимскиот период,  изјави градоначалникот Трајановски.

You May Also Like