Изложба на Јасминка Новковска во Прилеп

Во галеријата од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 1 април (петок) во 20 часот, ќе биде отворена изложба на слики „Изгубени души“ од м-р Јасминка Новковска од Скопје. Уметничката на првата самостојна изложба во Прилеп изложува осум слики – акрилик во комбинирана техника, работени во период од 2001 до 2003 година.

Новковска лани учествуваше на колонијата “Дрен” што ја организираше ЦК”Марко Цепенков”.

Наслови на делата:
1. “Автопортрет”
2.  “Поделена Македонија”
3.  “Балкански предавник”
4. “Ла долче Вита”
5. “Државно глобално ЊЦ”
6.  “Трговски центар”
7. “Врисок”
8. “Кој го убива Балканот”

__________________________________________

Јасминка Новковска за изложбата:

“Фактите сведочат дека полето на политиката е простор на сплетки и манипулации, миење на мозоци, чија цел е алчност до смрт, богатство и моќ, поле каде нема место за интелектуален и духовен натпревар.

Нова масовна религија : користољубие, насилство, пораст на криминалот, дрога, оружје, проституција, деформирани семејства и егоизам. Еден процес на враќање на човекот во мајмун, културен и човечки пад, загуба на идентитетот, американизација на Европа и уништување на Балканот. Сите стануваме Американци, изфабрикувани како по калап …”

__________________________________________

Биографија:

Јасминка Новковска е родена во 1975 година во Скопје. Во 1998 година дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Магистрирала во 2003 година на Националната уметничка академија во Софија. Имала две студиски патувања во Париз и Рим во 1995 и 1998 година. Во 2001 година беше македонски претставник на Франкофонските игри во Отава, Канада. Во 2007 година реализирала студиски престој во Париз. Од октомври е член на ДЛУМ.

Добитник е на наградата “Љубомир Белогаски” за најуспешен млад автор за изложбата насловена “ЕРА”во 2000 година.

Досега имала десетина самостојни изложби во Скопје, Софија, Њујорк, Берлин Германија, а учествувала и на бројни групни изложби во Скопје, Бакау – Романија, Велико Трново – Бугарија, во Отава – Канада, Париз – Франција, во Струмица, во Прилеп, во Белград и Неготин во Србија.

You May Also Like