Обновени чешмите во Градскиот парк

Екипите на Град Скопје ја завршија изградбата на четирите стилизирани чешми за вода во првиот дел од Градскиот парк. Чешмите се направени од испрано терацо и се обработени со малтер. Од вчера тие се пуштени во употреба.

Првата чешма е со хексагонална форма со шест чешмички од месинг, а просторот околу неа е бетониран. Во чешмата ќе се постават и мали рефлектори. Втората чешма е поставена кај Школката и таа тече со водопад (низ канал покриен со речни камења) којшто се слева во корито. Од коритото на оваа чешма вода може да пијат домашните миленици. Кај влезот во паркингот на Град Скопје се наоѓа чешмата на која што е поставен грбот на Град Скопје, а чешмата изградена кај тениските терени е обработена со елементи од ковано железо.

Чешмата кај Школката ќе тече постојано, а другите чешми се пуштаат со притискање копче.

Ваквиот начин на функционирање на чешмите во Градскиот парк се воведува за да се спречи неконтролираното истекување на водата за пиење, а со тоа и да се заштеди.

Четирите чешми го разубавуваат ликот на првиот дел од Градскиот парк и се вклопуваат во амбиентот што ги опкружува.

На посетителите на паркот овие чешми ќе им понудат освежување, особено во претстојните летни денови.

You May Also Like