„Стремеж“ воспостави соработка со „Инчентин версис“

Македонското списание за литература, уметност и култура „Стремеж“ воспостави соработка со електронското списание за поезија со седиште во Индија, „Инчентин версис“.

Истовремено, познатиот македонски поет Јовица Тасевски – Етернијан, кој е уредник во редакцијата на „Стремеж“, е именуван и за уредник  – консултант на „Инчентин версис“. Соработката предвидува во „Стремеж“ да бидат објавени три селектирани поетски прилози со највисоки естетски вредности од „Инчентин версис“, препеани на македонски јазик, а за возврат, во секој број на индиското списание ќе биде одвоен простор за претставување на најмалку еден македонски поет.

„Инчентин версис“ е современо електронско списание за поезија што се објавува на англиски јазик и излегува четири пати годишно. Уредничкиот одбор на списанието има интернационален состав и во него освен индиски писатели се вклучени и автори од САД. Главен уредник е професор Рамеш Чандра Мукопадаја, троен магистер по англиски јазик, англиска книжевност и компаративна книжевност и доктор по индиска книжевност, а одговорен уредник е еден од најафирмираните помлади индиски поети, Сонет Мондал. Освен поезија, во списанието се објавуваат и критички осврти за поетски книги, како и научно-истражувачки трудови за познати светски автори.

Воспоставената соработка меѓу „Стремеж“ и „Инчентин версис“ наиде на позитивен одглас во неколку светски медиуми од областа на културата. Во освртот објавен во американското списание за уметност и култура „ЕРИ Џемс“, авторот Рон Мареј истакнува дека на тој начин „традицијата му подава рака на 21 век“ и дека „оваа соработка отвора прозорец за запознавање на поетите со македонската, како и со современата европска литература“.

Во информацијата објавена во еден од најчитаните книжевни портали „Азија врајтс“, пак, се истакнува дека оваа соработка ќе придонесе да се развијат нови доживувања на поезијата и дека истовремено им овозможува на објавените автори да бидат видливи онлајн и претставени во печатено списание.

You May Also Like