Фолклорни ансамбли од Јапонија, Шпанија, Полска, Хрватска, Србија и од Македонија, синоќа (28 јули) во Битола, со песни и игри го одбележаа почетокот на 48-то издание на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“.
Според востановената традиција, први на сцената настапија членовите на КУД „Илинден“-Битола кои го изведоа орото „Комитско“, а потоа фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот Петровска која во својата поздравна реч нагласи дека Фестивалот е сведоштво кое никогаш нема да згасне.
Фестивалот „Илинденски денови“ од оваа година е член на светското семејство на фолклорни фестивали ЦИОФФ, а секоја година се одржува во чест на Илинден и на народните уметници, чувајќи ги традиционалните културни вредности, посочи Маја Андоновска-Илиевски, директор на НУ Центар за култура-Битола, домаќин и организатор на културниот настан.
Фестивалот „Илинденски денови“ продолжува со вечерва на традиционална музика и игра на која ќе настапат оркестарот на народни игри „Рудина“ од Битола, фолклорната група „Ѓердан“ од Русиново, ансамблот „Никола Јонков Вапцаров“ од Скопје, КУД „Весели пензионери“ од Пробиштип, КУД „7-ми Септември“ од Македонски Брод, КУД „Бисер“ од Кичево, фолклорната група „Китка“ и ансамблот „Балканске игре“ од Чикаго-САД, како и ансамбли од Србија, Хрватска и Северен Кипар.