Промовиран авантуристичкиот проект „Откриј го Крушево“

Денеска во Крушево беше претставен авантуристичкиот проект „Откриј го Крушево“ во организација на Центарот за развој на пелагонискиот плански регион од Битола и крушевската општина …

Центарот за развој на пелагонискиот плански регион од Битола и крушевската општина, денеска во Крушево, на посетителите им го претставија авантуристичкиот проект „Откриј го Крушево“.

Според Емилија Героска, од Центарот за развој на пелагонискиот плански регион, ова е голем проект за да се покаже дека Крушево има со што да се пофали сите 365 дена во годината.

– Зад проектот „Откриј го Крушево“ застанаа УСАИД, Агенцијата за туризам, Карана корпорацијата, Центарот за развој на пелагонискиот плански регион и општина Крушево. Сакаме да ги откриеме сите страни и се што може да понуди Крушево на секој што ќе го посети од земјава и од странство. Крушево е атрактивно со својата кујна, со дивата природа, со околината и, секако, со историјата. Трите аспекти на авантуристичкиот туризам: култура, природа и авантура ги имаме токму на ова место, вели Героска.

Таа информира дека кон крајот на август и почетокот на септември Светската асоцијација на авантуристички туризам АТА со 25 тур-оператори и новинари ќе ги мапираат овие и другите атрактивни македонски дестинации.

Според крушевскиот градоначалник Ѓорѓи Дамчески, ова ќе го привлече вниманието на туристите уште повеќе.

– Крушево има многу со што да се пофали. Сите манифестации: Крушево град на културата, Етно град, Откриј го Крушево, годинава го зголемија бројот на странските туристи за 30 отсто во споредба со лани, вели Дамчески.

Денеска посетителите уживаа во скијачкиот центар каде беа послужени со национално јадење.

– На терените за скиење се обидовме да промовираме национално македонско, крушевско јадење: бакрданик со свинско месо и маштеница, вели Жан Здравески, угостител.

Комплицираните и воодушевувачки крушевски ракотворби го обиколиле светот.

– Везените и плетени ракотворби веќе се на американскиот, италијанскиот пазар. Повеќе везени перници се продадени за снимањето на филмот „Куќата покрај реката“ за Сандра Булок, вели Спасика Тасеска, претстедател на Здружението на жени „Цвет“.

Светските параглајдеристи се вљубени во височините и атрактивната локација кај Мечкин Камен.

– Условите за летање се речиси идеални. Може да се лета и на 3.000 метри, вели Џонатан Ком од Израел.

Посетителите се впуштаат во откривањето на Крушево.

– Крушевската традиција е прекрасна. Воодушевуваат македонската музика и песна, особено облеката и храната, вели Одил Киблер од Лион, Франција.

Прв пат во Македонија е и То Верусебих од Норвешка.

На платото на Мечкин Камен, пред бројните посетители концерти одржаа групите „Љубојна“ и „Супер хикс“.

извор МИА

You May Also Like