„Прво па женско“ – празник на поинаквата жена во МКЦ

Денеска (петок, 8 март), во организација на невладината организација Tiit!, во Младинскиот Културен Центар-Скопје, ќе биде организиран целодневен настан по повод 8 Март- Меѓународниот ден на жената.

ПРВО ПА ЖЕНСКО, Тиииит! и МКЦ организираат целодневна прослава на празникот на поинаквата жена…од пладне до сабајле!

ПРОГРАМА:
ЖЕНСКА СОБА
12 часот, фоаје на кат, кино Фросина,
Сопствена соба. Топол, интимен простор за раскажување убави приказни, размена на искуства и идеи за нови соработки. Претставувања и презентации отворени за публиката.
Домаќин(к)и: Реактор, Theatra, Контрапункт, Сигмапрес, Здруженска. ЛезФем, Skopje Casual, Преплет.

РАБОТИЛНИЦА „ПРАКТИЧНА ЖЕНА“
12 часот, галерија на МКЦ
Инспирирана од иницијативата „Куварице“ на уметничката група Шкарт од Белград. Везење во живо во соработка со Здружението Домаќинки на Македонија од Скопје. Цитатот е на Jenny Holzer, а илустрација на Em Ellephantski.

ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ
12 часот, галерија на МКЦ
8ми Март во интимниот фокус на Камка Тоциновски, Ѓорче Ставревски, Ана Јакимска, Иван Илиев, Наташа Гелева NeuErotik, Самир Љума, Катја Штркова, Димитар Апостолов, Менче Петреска и Филип Пајдаков.

SPIN-UP GIRLS со Бори се женски
12 часот, фоаје на МКЦ
Kреативен и интерактивен спин на механизмите на популарните медиуми што на различни (директни и суптилни) начини наметнуваат шаблони во кои треба да се смести женската личност и женското тело. Разиграна, позитивна и весела деконструкција и можност за премислување на она што ти велат дека треба да бидеш и да имаш/направиш/чувствуваш како жена.
Размисли, бори се, промени! Бори се женски е независна и неформална grass root иницијатива посветена на промовирање на родовата рамноправност преку поттикнување дебата во јавната сфера.

БАЗАР
12 часот, фоаје на МКЦ
Одлична можност да (си) купиш поклон за 8ми Март?
ATAMI, Александра Шекутковска, LUDUS, Драма студио Ивана Кнез, Нита Муча и Дафина Џепаровска,
M craft’s, Wizаrt (Јасмина Главинче и Милена Крстева), Soro Jewelry (Андријана Андреева), Chic Undercowear, Плетени колачиња, Ultra Design Shop, Damaja [handmade] i Atelier ندى..

ФИЛМСКА ПРОГРАМА
14 часот, кино Фросина
Женски осврт на македонската кинематографија во соработка со Кинотека на РМ.
14:00 Фросина (1952) Режија: Воислав Нановиќ
15:30 Јас, Блага Мицанова (1977) Режија: Вангел Чемчев – Лаки
15:45 Опасна Баба (1985) Режија: Милчо Манчевски
16:00 Исправи се Делфина (1977) Режија: Александар Ѓурчинов

НИКУЛЕЦ КРЕАТИВА: ДЕТСКО КАТЧЕ
16 часот, кино Фросина, фоаје на кат
Многу деца. Еден куп дрвени боички и голема илустрација на Jacinta Bunnell – креаторката на првите gender sensitive боенки за деца. Дојдете заедно со децата да ги обоиме стереотипите со боите на виножитото. Центарот за едукација и креативност за деца „Никулец креатива“ работи на развивање на креативноста кај децата од школска возраст преку практични вежби, стратешко размислување и интеракција. Ќе им помогнеме на децата да ги препознаат и изразат индивидуалните способности, интереси и таленти, и да создадат заеднички интереси и чувство на припадност преку тимска, креативна работа и учење.

ХНУ КУЛИНАРСКИ ПЕРФОРМАНС „ВКУСОТ НА МАШКИОТ РУЧЕК“ + Матине концерт на June
18 часот, фоаје на кино Фросина
Учесници: Давид Ангелевски, Влатко Деловски и Артан Садику

ХНУ-Истражувачкото студио за храна наука и уметност, преку готвењето на храна го истражува процесот од идеја до готово дело. ХНУ го поставува прашањето за врската меѓу рецептот и крајниот вкус. Дали секој рецепт може да биде претворен во добар вкус? ХНУ преку целиот овој процес има за цел да потенцира колку е важна одговорноста во готвењето/создавањето на кулинарските/културните продукти.

June е производ на ентузијазмот на тројца инжињери длабоко вљубени во музиката. Формиран во октомври, 2010 од Бојана, Данчо и Филип, бендот остава автентичен траг на македонската музичка сцена, давајќи и здив на свежина со својот микс од indie pop, americana со примеси на акустичен country pop. Досега имаат свирено на неколку фестивали и концерти, меѓу кои и на Таксират 2010, како предгрупа на Nouvelle Vague, EXIT 2011, Здраво Млади 2012, PIN Conference и други.

ЖЕНИ СО МУСТАЌИ. МАЖИ БЕЗ БРАДА.
(Women with mustaches. Mеn without beard.)
Балетски перформанс
19:30 часот, кино Фросина
Концепт: Ивана Коцевска
Играат: Ивана Коцевска и Игор Веланоски

Кога последен пат си се преправела дека не можеш да ја отвориш теглата со џем? Ние сме интуитивни, талентирани и можеме сè. Одамна ја побивме идејата за посилниот пол. И сега што? Кој кому му ја краде машкоста и што со неа?

ДИСКУРЗИВЕН НАСТАН „ЖЕНА И ПОЛ“
конципиран од Ивана Васева, Филип Јовановски и Јованка Попова
20 часот,  Денсинг сала во МКЦ

Кому сè, имајќи ги предвид инструментализираните позиции на моќ во ова општество, „треба“ да му се „исповеда“, односно – дава отчет, современата жена.
Кратки монолози на избрани припаднички на женската популација во форма на лични „исповеди“ кои во контекст на просторната инсталација (сценски импровизирана кабина – исповедалница) се полу-интимни и полу-јавни, овозможуваат „препознавање“ и јавно изговарање на проблеми поврзани со машката доминација, потиснатоста на жената без право на глас, патријархалната традиција, а особено за потчинетост кон „авторитетот“ – препознаен како олицетворение на црквата, нацијата, партијата, мажот-татко во традиционалното семејство, или мажот-претпоставен на работното место. Тргнувајќи од слоганот „личното е политичко“, како феминистички референт од 60-те и 70-те години, методот на исповед всушност е обид да се отелотвори гласот на отпорот.

КОНЦЕРТ: РЕПЕТИТОР
21 часот, Денсинг сала МКЦ
Скопје е подолго време во здрава љубовна врска со Репетитор. И не е чудно, ако се земат предвид нивните незаборавни, високоенергетски настапи што не смеат да се пропуштат. Милена (тапани), Борис (гитара, вокал) и Ана-Марија (бас, вокал) се типичен пример на вистински луѓе што се нашле во вистинско време на вистинско место и сега полека, но сигурно стануваат дел од новото, сè уште неиспишно поглавје на рок историјата и културата на овие простори.
На ПРВО ПА ЖЕНСКО доаѓаат да го промовираат својот штотуку излезен албум „Dobrodošli na okean”, што критиката го нарече вистинско сонично искуство. Облечете се удобно, ќе има многу играње!

Домашна поддршка: De Dash feat. Yannah, Dayanas vs. The World
Жестоки женски звуци од скопското соседство. Кој еднаш ја видел De Dash во живо, не пропуштил ни еден нејзин следен настап. А Dayanas допрва ќе ги засакате.

ЖЕНИ ЗАД DJ ПУЛТОТ
Galathea,Виолета Качакова, Ана Мало и  Ивана Драгшиќ.
01:00 фоаје на кино Фросина

Работата на DJите/ките не е нешто дополнително – одлична можност да се затвори настан исполнет со други содржини. Таа е содржина сама по себе, призвод на интелектуален и емотивен ангажман, индивидуален пристап и израз. Овие девојки, со својот префинет избор на ритмови, секогаш одново му даваат шанса на Скопје да го препознае горенаведеното.

You May Also Like