Со новиот циклус на проектот финасиран од Ромскиот фонд за едукација (РЕФ) 30 средношколци Роми ќе учествуваат во програмата за запишување на медицинските факултети.
Под мотото „Вратата е отворена, студирај медицина“ веќе трета година успешно се спроведува проектот за подготовка на средношколци Роми за запишување на медицинските училишта и факултети во Македонија.
Со оваа активност Центарот за Институционален развој – ЦИРа, продолжува со својот придонес во мисијата за зголемување на бројот на студенти од Ромска националност на медицинските факултети.
Изјава од Пермина Исмаили (учесник во подготвителната настава)
„ Ова е прекрасна можност за мене и за сите млади Роми кои имаат сон и желба да станат доктори. Од проектот очекувам квалитетна настава која ќе ми помогне да се запишам на медицински факултет. “
Проектот ги таргетира Ромите средношколци, ученици во четврта година кои сакаат да се запишат на медицинските факултети. Покрај подготовката на учениците за успешно полагање на државната матура и запишување на медицинските факултети, учениците имаат и обуки за мотивација, самодоверба и справување со стресот, со цел да се стекнат со вештини кои ќе им користат во нивното понатамошно успешно образование.
Во спроведување на програмата се применува методологијата „еден на еден“, каде професорот работи и му посветува внимание само на еден ученик поединечно, што значитено придонесува резултатите од работењето и напредокот на учениците да е поголем.
Кон крајот на мај ќе биде организирана финалната работилница на која учениците ќе го заокружат своето знаење преку финалните тестови и ќе ги направат последните подготовки пред полагањето на државната матура, и понатаму ќе се стекнат со потребните квалификации за запишување на медицинските факултети во Македонија.
Изјава од Недиме Алијевска (студент на медицински факултет)
„ Овој проект на РЕФ го промени мојот живот. Наставата која ни ја овозможи ЦИРа беше темелна и сега, откако сум студент на медицинскиот факултет, сфаќам колку бил важен целиот процес на подготовка. Јас и мојата фамилија сме благодарни на оваа програма и најтопло ја препорачувам на сите млади Роми кои имаат амбиција да студираат медицина. “
Според одредени податоци од граѓанскиот сектор и истражувања направени од ромски невладини организации, на Медицински факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“- Скопје (кој постои повеќе од педесетина години) до 2009 г. дипломирале само петмина Роми. Денес,на почетокот на 2013 година, по двегодишната успешна имплементација на овој проект бројот на студенти Роми кои активно студираат на овој факултет е зголемен на 25.