Модерен словачки филм во Кинотека на Македонија

Од 4-ти до 11-ти јуни 2014 година во Скопје, Македонија, ќе започне претставувањето на словачката кинематографија под наслов „Модерен словачки филм” и поднаслов Слики и соништа – најнаградуваните словачки филмови.

Настанот ќе се одржи по повод 20 години од воспоставување на дипломатски односи меѓу Република Словачка и Република Македонија, под покровителство на амбасадорот на Република Словачка Н. Е. Мартин Безак и министерката за култура на Република Македонија Н. Е. Елизабета Канческа-Милевска. Главен организатор на настанот е здружението на граѓани VLNA, кое покрај организацискиот дел, зема и суштински дел во настанот. Програмата на филмови е формирана врз основа на меѓународно најуспешните словачки наслови кои во моментов ја претставуваат словачката кинематографија на престижните меѓународни фестивали како што се фестивалите во: Кан, Ротердам, Карлови Вари, Тампере и.т.н.

Главната цел на проектот е прикажување на најуспешните словачки филмови на млади, но светски познати режисери кај македонската публика.

Современата долгометражна продукција ќе ја претставуваат филмовите кои моментално ја презентираат словачката кинематографија на престижните светски и домашни филмски фестивали. Станува збор за филмовите – Чудо (Zázrak – 2013) во режија на Јурај Леготски, Моето куче Килер (Môj pes Killer – 2013) во режија на Мура Форнау, Дури до градот Аш (Až do mesta Aš – 2012) во режија на Ивета Грофова, Кандидат (Kandidát – 2013) во режија на Јонас Карасек и Дом (Dom -2011) на режисерка и сценаристка Зузана Лиова. Помеѓу играните филмови, селектирани се и три документарни филмови кои се реализирани неодамна – Слепи љубови (Slepé lásky– 2008) на Јурај Леготоски, Како се готви историјата (Ako sa varia dejiny – 2009) во режија на Петер Керекес и Осадне (Osadné – 2009) во режија на Марко Шкоп. Овие документарци ќе ги потенцираат достигнувањата на словачкиот документаризам. Како дополнување на долгометражните филмови, програмата е збогатена со репрезентативна селекција на меѓународно наградени словачки анимирани кратки филмови. Студентскиот филм номиниран за Оскар Во коцка (V kocke – 1999) на аниматорот Михал Струс, анимираниот филм Четри (Štyri – 2007 и Снег (Sneh – 2013) на Ивана Шебестова, куклената опера Камења (Kamene – 2010) на режисерка Катарина Керкешова, Месечина (Moon – 2012) во режија на Ондреј Рудавски, Близнаци (tWINs – 2011) во режија на Петер Буински, Последниот автобус (Posledný autobus – 2011) на Мартин Снопек и Ивана Лаучикова, Прашина и Сјај (Dust and Glitter – 2011) на Михаела Чопикова и Вероника Обертова и филмот Фонгополис (Fongopolis – 2014) во режија на Јоана Кожух.

Отварањето на настанот ќе биде со проекција на филмовите Во коцка (V kocke – 1999) во режија на Михал Струс и Кандидат (Kandidát – 2013) во режија на Јонаш Карасек на 4 јуни со почеток во 20:00 часот во просториите на Кинотека на Македонија со присуство на актерката Силвија Халушикова од филмот Дури до градот Аш како и Франтишек Краенбил, монтажер на филмовите Слепи љубови, Дури до градот Аш и Осадне.

Настанот ќе се одржи под покровителство на:

Мартин Безак, амбасадор на Република Словачка во Република Македонија

Елизабета Канческа-Милевска, министерка за култура на Република Македонија

You May Also Like