Мехмети со „Четири елементи“ во Музеј на град Скопје

Вечерва, (вторник) 10 мај 2011 година, со почеток во 20:00 часот, во просториите на Музејот на град Скопје, ќе биде отворена седмата самостојната изложбата на Шќипе Мехмети насловена како „Четири елементи“.

Шќипе Мехмети веќе се афирмира на македонската ликовна сцена како графичар, а со оваа изложба таа ги претставува нејзините најнови остварувања – дваесет и четири  дела работени во техниката акрил на платно.

Шќипе Мехмети ги создава своите слики од внатрешната материја на сликарството: од елементите од кои што е создаден светот – вода, воздух, земја и оган. Четирите елементи, според учењето на елинскиот мислител Емпедокле, се основа на сите нешта. Сите нешта се создаваат со спојување на овие елементи. Љубовта (афинитетот) е силата што го овозможува нивното спојување, вели во текстот по повод изложбата, Емил Алексиев.

Шќипе Мехмети е родена 1981 година во Кичево. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот графика.

Мехмети свои дела до сега изложувала во Македонија, во Србија и во САД, а учесник е и на повеќе од педесет групни изложби во Македонија, Албанија, Франција, Полска, Германија, Италија, Шпанија, Литванија, Египет.

Изложбата ќе биде достапна за јавноста до 20 мај 2011 година.

You May Also Like