Директорот на НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола, Науме Ѓоргиевски соопшти дека дел од македонските изданија на библиотеката веќе се предадени и изложени во библиотеките во Барселона (Шпанија) и Сан Хуан (Порторико), со кои во иднина директно ќе соработуваат.
Контактите со менаџерите на библиотеките од овие два града се остварени од страна на доскорешниот пратеник во македонското Собрание, Анета Стефановска која по пет годишниот ангажман во законодавниот дом, се врати на своите поранешни обврски во битолската универзитетска библиотека, како одговорно лице за меѓународни соработка и односи со јавноста. Таа на неодамнешниот светски Конгрес на библиотеките – ИФЛА, што се одржал во Сан Хуан (Порторико) од 13-18 август оваа година, исдејствувала да се попишат овие договори, со што македонско биоблиотекарство ги зајакува своите меѓународни позиции и контакти.
– Успеавме да оствариме соработка со раководствата на библиотеки од 20 држави од светот, меѓу кои со библиотекари од САД, Финска, Кенија и Шпанија. Во Барселона поставивме изложба со сите наши изданија и им подаривме 40 македонски наслови кои веќе се составен дел на книжниот фонд на библиотеката во Барселона, кој е поставен на полици со вкупна должина од 40 километри на кои има околу 3 милиони книги, истакна Ѓоргиевски.
НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола во моментов работи на повеќе проекти одобрени од Министерството за култура, а наскоро се очекува да се издаде и посебна монографија за развојот и постигнувањата на истакнати битолчани во сферата на образованието и науката.