Вечерва богатата програма на овогодишното 51-во издание на „Охридско лето“ продолжува со настапот на естонскиот ансамбл „Хортус Музикус“, кои со мотото „Светот е мал, а вистинскиот музичар не ги познава границите“ само ќе ја збогатат програмата на овој фестивал изведувајќи музика на ренесансата.
– Особено задоволство ќе биде да се слушнат, но и видат, овие музичари кои со своите специфични инструменти и костими, секако и со своето музицирање, ќе го донесат ренесансниот период во Охрид, на заедничка радост на стручната но и пошироката публика. „Хортус Музикус“ е еден од најстарите ансамбли за ренесансна музика во светот чии изведби четири децении наназад се вистински настани на концертните подиуми ширум светот , ансамбл за чие творештво се направени повеќе филмови и имаат издадено над 20 албуми – изјави музичкиот селектор на фестивалот, Гордана Јосифова- Неделковска.
„Хортус Музикус“ е уникатна појава во светската музичка практика на денешницата кој е еден од пионерите во изведувањето на музиката на денешните епохи.
– Можеме да ви ветиме прекрасна вечер во која спојувањето на џез, рок и фолк стилот ќе биде нашиот „дијалог“ со епохите. Иако доаѓаме за прв пат во Македонија и на фестивалот „Охридско лето“ од сето она што ни го испратија нашите домаќини, знаеме дека има многу нешта кои што треба да се видат и почувствуваат во овој град, затоа ќе се обидеме секој слободен миг да го искористиме за разгледување на Охрид и сето она што тој го нуди- ни рече харизматичниот диригент Андреас Мустонен веднаш по доаѓањето од Естонија.
Еден импресивен податок е и четиридецениското постоење на овој ансамбл, кој говори за исклучителниот креативен и истражувачки дух, потрагата по нови остварувања и, се разбира, највисокиот професионализам. Со своите концертни програми „Хортус Музикус“ го опфаќа огромниот период на музичката историја – од грегоријанскиот корал до великаните на Барокот од 18-от век. Преку својот дијалог на епохите, „Хортус Музикус“ соработува со истакнатите современи композитори Арбо Парт, Гија Канчели, Александар Кнајсељ, Галина Григорјева и прави спојување на стиловите останувајќи на своето мото.
Катедралната црква Св.Софија вечерва со почеток во 21:00 часот ги очекува сите оние кои сакаат да чујат и видат музика без граници.