Цели десет години од кога на македонската хип-хоп сцена егзистира Легијата. Десет години творештво и зачувување на еден автентичен звук, на овие репрезенти на македонската хип-хоп култура и музика.
Вчера вечер тие ја одбележаа десет годишнината од своето постоење со концерт во организација на Shuriken Records и МКЦ (Младински културен центар).
Гости на вечерта беа српскиот хип-хоп артист Дон Дада, како и DJ Гоце од легендарните SAF (Сакам афро фризура) кој се претстави со свој диџеј сет.
Како дел од овој настан имаше и промоција на уште едно издание на Легијата, насловено „Деценија“ во издание од Shuriken Records. Овој албум содржи збирка на песни од Легијата, снимени и собрани во текот на изминатите десет години, кои досега не се нашле на ниту едно издание и се нови за пошироката јавност.