Започнува фестивалот „Лица без маски“

Со претставата „Комедија дела Баск“ што ни доаѓа од Соединетите Американски држави, во изведба на актерката Иман Лизаразу, вечер (среда 13.04.2011 година), во 20 часот, во Универзалната сала – Скопје, ќе биде отворено четвртото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“ 2011, што ќе трае до 15 април.


Годинава четвртото издание на ИТФ „Лица без маски“, ќе биде посветено на три исклучително квалитетни претстави што во целост кореспондираат со духот и со концепцијата на фестивалот, а тоа е алтернативен, експериментален и истражувачки театарски израз. Мотото на годинешново издание на Интернационалниот театарски фестивал е ФРЛИ ЈА МАСКАТА.

Првата претстава што ќе биде изведена е едночасовно уживање во моноспектаклот на актерката, којашто низ најразлични театарски форми: жонглирање, танцување, физички театар и пантомима, говори на комичен начин за човечките доблести и недостатоци. Втората претстава што ќе биде изведена утре, на 14 април, е „Круг“ во изведба на актерите од Факултетот за драмски уметности од Косово.

Режисерката Агнес Нокшиќи, позната за македонската театарска публика, со своите студенти, се обидува со оваа претстава да ги урне стереотипите за љубовта меѓу мажот и жената. Ова е претстава во којашто изобилува танцот, одличната актерска игра и визуелизација.

Последната вечер е посветена на музичкиот спектакл „Мене Текел Фарес“ на „Акант“, театар од Софија. Оваа претстава, исто така, говори за човечките доблести и недостатоци, за осаменоста и потребата од пријателство, дружење и комуникација со Другиот.

„Лица без маски“ 2011 годинава ќе го овозможи токму тоа што е генерално мото за сите три претстави: дружење, комуникација и размена на искуства.

Билетите може да се купат на касата на Универзална сала, а заинтересираните ќе можат претходно да ги резервираат на телефонскиот број 070/991-961. Цената на билетот е 150 денари.

You May Also Like