По четврти пат – пет дена моден маратон во градот на конзулите. Со свои колекции ќе се претстават повеќе домашни дизајнерски имиња како и неколку гости од Словенија и Австрија!
Овогодинешната Модната недела во Битола ќе се одржува од 13 до 17 април 2011 година во холот на Народниот театар Битола, во организација на агенцијата „Метрополис“, а со поддршка на Народниот театар, Центарот за култура и на градоначалникот на општината Битола, Владимир Талески.
Манифестацијата ке биде отворена со Олгица Ѓоргиева, која ќе ја претстави колекцијата „9“ што веќе беше прикажана неодамна на Модниот викенд Скопје. Истата вечер ќе се претстават и Славица Котевска, која ќе настапи со колекција костими за капење, како и Христина Лозановска, сопственичка на брендот „Л дизајн“, со колекција венчаници.
Наредниот ден и припаѓа на Антонија Ристевска, која ќе ја претстави колекцијата „Рапсодија на глуварчињата“. По неа ќе настапи младиот креатор од Пехчево, Никола Каракашов, а вечерта ќе ја затвори Сања Јанев од Штип, со колекција инспирирана од „Алиса во земјата на чудата“. Во петок модниот ден почнува со Никола Петровски од Битола, кој оваа година слави 15 години од своето работење. Вечерта ја отвора новото име на македонската модна сцена Мери Радончиќ, со својата визија за малиот црн фустан. По неа настапуваат талентираните креаторки од Кратово Мелани Димитровска и Јулијана Ѓоргиевска од Битола.
Саботата е резервирана за странските креатори – тројца словенечки креатори: Алја Слеменшек, Јања Видец и Давид Хочевар и „Фин дизајн“ од Виена, Австрија. Финалето е резервирано за модниот новинар и дизајнер Небојша Толески и за неговата колекција „Меч“, веќе презентирана пред скопската публика, како и пред белградската, на модната манифестација „Фешн селекшн“. Следува дебитантката Наташа Арсова, која работи како костимографка во Народниот театар во Битола. За крај ќе биде презентирана колекцијата на македонскиот костимограф од Народниот театар во Битола, Благој Мицевски.
Во рамките на неколку ревии, колекции на чевли ќе претстават „Фиорнаџело“ и „Моделино“ од Битола. За фризурите на манекенките ќе бидат задолжени студијата „Чеваповиќ“ и „Кармен ексклузив“, додека за шминката ќе бидат задолжени мејкап-артистите Надица Тасевска, Анета Стапановска и Даниела Димитриевска.
По завршувањето на секој моден ден ќе се одржуваат популарните забави во „Космополитен“ и во ноќниот клуб „Расчекор“, каде што меѓу другите ќе настапат: Бени Шаќири, Мезо и Беличанска.
Автор: Љубица Поповска