Вечерва (сабота, 23 јули 2011 година) на програмата на Бит Фест ќе може да проследите:
20:00 часот ИАЕСТЕ интернационална вечер – пред Магаза
На интернационалната вечер учество ќе земат практиканти од повеќе од 15 земји Шпанија, Полска, Велика Британија, Швајцарија. Практикантите кои извршуваат стручна пракса во компании во Македонија ќе ја претстават својата земја преку традиционална храна, облека, музика, обичаи… На истиот настан ќе има и македонска маса подготвена од членовите на ИАЕСТЕ Македонија – локален комитет Битола.
21:00 часот Театарска претстава ,,Златна Бубашваба на популарноста 6″ – ДС Солза и смеа – Антички театар Хераклеа
Драмското студио Солза и Смеа формирано на 27 Февруари 1996 година во Битола своите почетоци ги бележи како аматерско студио кое работи и функционира во рамките на Центарот за кулутра во Битола, со првата премиера за претставата Лонг плеј. Неколкуте години активна работа го подигнува нивото на студиото и претставите почнуваат да бидат се попосетени. Со неколку падови и воздигнувања, и неколку променети жанрови, низ Солза и Смеа поминаа неколку генерации на актери кои денес професионално се занимаваат со актерство низ театрите во Македонија.
Солза и Смеа денес е приватно драмско студио каде работаат и професионалци, насочено кон комедијата како жанр, односно урнебесната комедија која членовите на студиото ја негуваат во сите свои претстави дома, како и на фестивали во странство, каде студиото има земано голем број на награди и пофалби. Најнов проект на Солза и Смеа е хумористичниот ТВ серијал Златна Бубашвата, ТВ издание кое е гледано не само на локално ниво, туку и низ територијата на целата земја и странство.
Оваа сабота драмското студио Солза и смеа ќе го прослави својот 15 ти роденден. Нивната театарска претстава која е во рамките на битолското културно лето веќе предизвика голем интерес не само кај битолчани, туку и кај сите кои слушнале за нив, а сега со нетрпение очекуваат да уживаат во најкомичното изненадување подготвено од овие млади креативни луѓе.
23.07 Овaa сабота од Велика Британија на Широк Сокак доаѓаат ,,Ghost Trains”
Нивниот концерт на Широк Сокак ќе започне во 22:00 часот.
Само по 18 месеци заедно акустичната група Ghost Trains од Велика Британија има издадено два долгометражни албуми, имаат реализирано повеќе турнеи низ САД и Европа, ги поддржуваат големи музички имиња, а успеаа да го привлечат и вниманието на националниот и меѓународниот музички печат. Звукот можеби најдобро опишува меланхоличен фолк и класичен поп од 60 тите. Нивниот албум Where Lovers Die доживеа голем успех и над 10 000 симнувања. По настапот на Acustic Festival во Велика Британија во текот на летото 2010 година Acustic Magazine во својот октомвриски број напиша дека Ghost Trains се врвот на фестивалот коментирајќи дека нивните вокал хармонии беа воодушевувачки. Би Би Си музика ги вреднува како едноставно неверојатни.
Својата турнеа низ Европа и Русија ја започнаа во април 2011, а истата ќе трае 12 месеци.
Ghost Trains се составени од пејач/композитор Tim Ellis, гитарист Elijah Wolfenheart и перкусионист Greg Wood.
23.07 Филмски денови ,,See a Paris” Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕСРА ( 23 до 27 јули) – Магаза
Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, како организатор на фестивалот на Југо Источно Европска кинематографија ,,See a Paris” како дел од програмата на Битолско културно лето нуди избор на најдобрите филмови прикажани на фестивалот кои што се дел од Битолско Културно Лето.
Филмските денови на БИТ ФЕСТ започнуваат со филмот кој беше избран дека поседува најдобра музика и најдобра женска улога. Станува збор за турскиот филм ,,Раскрсница” во кој се зборува за Гувен кој работи како шеф на сметковотство, има среќен брак и ќерка. Но, кога ќе дојде дома на крајот од денот, тој е сам. Неговиот врамен свет на среќа е полн со тајни. Тој пред 5 години ги има загубено неговата сопруга и нероденото дете и неможејќи да се соочи со болката се преправа дека тие се живи и ги чува живи во својата фантазија.
Неговиот имагинарен свет почнува да се распаѓа кога Арзу почнува да работи во иста канцеларија со него. Арзу, чиј живот е исто така збркан навлегува во светот на Гувен, обидувајќи се да го тргне превезот на тајната на неговиот живот. Како што одминува дејството се дознава дека животите на Гувен и Арзу претходно се имаат преплетено на раскрсница, менувајќи ги животите на двајцата.