Отворањето на изложбата „Ненадмината убавина-икони од Македонија“ во Утрехт

Канческа - Милевска во Утрехт
Канческа - Милевска во Утрехт

Министерот за култура на Република Македонија, м-р Елизабета Канческа – Милевска, и министерот за образование, култура и наука на Кралството Холандија, Халбер Зијлтра, вчера (8.2.2011 година) во Утрехт, Холандија, во прекрасниот амбиент на катедралата посветена на св. Катарина од Александрија и во присуство на над 500 гости свечено ја отворија изложбата „Ненадмината убавина – икони од Македонија“.

Во своето обраќање по повод отворањето на изложбата Канческа- Милевска истакна дека холандската јавност во следните три месеци ќе има одлична можност да се запознае со извонредното културно богатство на Македонија, од 4000-та година пред Христос до крајот на 19 век: прекрасната златна маска од 5 век пр.н.е, уникатната збирка на ранохристијански теракотни релјефи, иконите од 11 век кои го красат врвот на византиската култура и многудруги вредни артефакти.

За холандскиот министер реализацијата на оваа изложба е еден од најблескавите успеси на музејот „Катаријнеконвент“. Истакнувајќи го големото значење на изложените дела, Зијлтра нивната вредност ја спореди со вредноста на комплетната колекција на слики од Ван Гог. Тој подвлече дека  ова е убава можност посетителите да се запознаат со македонското културно наследство, но и поттик за интензивирање на врските меѓу двете земји не само на културен туку и на економски и туристички план.

Пред присутните се обрати и македонскиот амбасадор во Кралството Холандија, Никола Димитров, кој рече дека Република Македонија и Кралството Холандија имаат воспоставено одлични релации како да сме веќе членки на Европската Унија и дека културата е најдобар начин да бидеме забележани, а поставувањето на изложбата го овозможува токму тоа.

Претходно двајцата министри, Канческа-Милевска и Зијлтра, остварија билатерална средба на која ги споделија впечатоците за Република Македонија како земја со големо културно наследство, поздравувајќи ја одлуката на Владата на Република Македонија, изложба од ваков обем и со ваква вредност, за првпат да биде претставена токму во Холандија.

Во рамките на свеченоста по повод отворањето на изложбата свој настап имаа и македонските амбасадори на културата – Влатко Стефановски  и етносоставот „Синтезис“, кои насекаде во светот ја афирмираат и ја презентираат македонската музика и кои со својот настап го збогатија овој свечен чин.

Utrecht1
Utrecht2
Utrecht3
Utrecht4
Utrecht5
Utrecht6
Utrecht7
Utrecht8
Utrecht9

You May Also Like