Езерки вечерва пред Мајка Тереза

Вокалниот етно-состав „Езерки“ и оркестарот „7/8“ од Хрватска, денес (вторник,  21 јуни 2011 година)  со почеток во 20:30 часот, ќе настапат пред домот на Мајка Тереза. По успешната турнеја низ поранешните ју-простори „Езерки“ и „7/8“ повторно доаѓаат во Македонија.


Двата состава работат под закрила на Хрватско-македонското друштво во Хрватска, а од 1995 година, преку своите карактеристични изведби и неколкуте издадени албуми („Livingroom“, „Бакнеж“ (специјален гостин на албумот беше Тоше Проески) и „Спектакл“) ја претставуваат Македонија низ целиот свет. Нивните изведби претставуваат сплет на уникатни македонски ора и песни изведени на традиционален начин, но во модерен аранжман.

Ансамблот „Езерки“ има 17 члена, пеат трогласно, а само пет од нив се Македонки, другите се Хрватки, на возраст од 25 до 75 години. Некои од нив се сликарки, економистки, а во нивните редови има и правничка, архитектка, новинарка, етнолог. Водач на ансамблот е Дарка Краговиќ, вработена како музички уредник во Радио Загреб. Од 2000 година соработуваат со оркестарот „7/8“, составен од девет музичари, сите Хрвати, кои свират на 12 традиционални македонски инструменти, меѓу кои кавал, тапан, тарабука, дајре. Нивната соработка почнала случајно, а сега се неразделна целина. Врв на нивната работа е второто цеде „Бакнеж“, на кое се наоѓаат и „Јовано, Јованке“, „Брала мома капини“, „Дејгиди луди млади години“.

Интересно е што како гости на албумот се и мегапопуларниот Тоше Проески, со кого ја пеат „Со маки сум се родил“ и Радојка Шверко, со која ја имаат снимено „Калеш бре Анѓо“. Првиот албум го издале во 2003 година, се вика „Песни од големата одаја“ и е распродаден. Во Хрватска ги препознаваат како балкански „Buena Vista Social Club“. Досега имале повеќе од 80 настапи, а пред некоја година имаа концерти и во Македонија.

You May Also Like