Васе Урдин изложува во „Мала станица“

Изложба на скулптури во дрво и дела од применетата уметност, во Мултимедијалниот центар „Мала станица”. Истата ќе се отвори вечерва (четврток, 21 април 2011 година), со почеток во 19:30 часот, во организација на Националната галерија на Македонија.

Васе Урдин е член на уметничкото семејство Урдин, штедро дарувано за уметност. Духовно и егзистенцијално, личноста на Васе Урдин е богата во контрастите: интровертна и екстровертна истовремено, вгледана внатре но и надвор од себе, спокојна и импулсивна… едноставно, станува збор за една душа со аргонаутски дух што плови трпеливо на долги патеки (Ефтим Клетников).

Изложбата претставува најголемо осветлување на уметничкиот профил на Васе Урдин. Нему и на неговата уметност најмногу им одговара дефиницијата за уметничкото создавање како „спонтана онтологија”. Тоа значи природна креативна состојба на битието, кое твори и во свесна и во несвесна состојба, и на јаве и на сон.

Васе Урдин е самоук, но извонредно култивиран и префинет уметник. Кај неговите дела сè е необично спонтано, длабоко искрено и ненаметливо инвентивно, така што не однапред, туку отпосле, сама по себе, се склопува поетиката на создаденото уметничко дело.

Најновата изложба на Васе Урдин сугерира речиси отсонуван творечки свет.

Предговорот за богато уредениот каталог е на поетот Ефтим Клетников, кој воедно и ќе ја отвори изложбата. Свое обраќање ќе имаат Љупчо Маленков, куратор на изложбата и Маја Крстевска, директор на Националната галерија на Македонија. Настап на свеченото отворање ќе има и мешаниот градски хор „Вардар” под диригентство на маестро Александар Лековски.

You May Also Like