Четириесетина најдобри портрети на францускиот фотограф со светска слава, Феликс Надар (1820-1910) ќе бидат претставени пред македонската публика во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, на 6 декември (четврток) со почеток во 20 часот…
Помеѓу портретите е и оној на Сара Бернар, Александар Дима, Клод Дебиси, Шарл Бодлер, Жорж Санд, Жак Офенбах, Емил Зола, Жил Верн и уште десетина големи имиња од крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Изложбата е во заедничка организација на Францускиот институт во Скопје и Националната галерија на Македонија, благодарение на престижниот Jeu de Paume вo Париз, во соработка со Медијатеката за архитектура и културно наследство и Министерството за култура на Франција.
Гаспар-Феликс Турнашо, познат под псевдонимот НАДАР, е роден во Париз на 6 април 1820 година. Работел како фотограф, карикатурист, новинар и писател.
Бунтовен и храбат, со чисто изразени социјални идеи, бил првиот фотограф кој се спротиставил на општото јавно мислење, развивајќи ги до крај своите лични идеи и вкусови. Неговото име ќе остане запишано во историјата на фотографијата, како првиот човек кој направил фотографија од воздух.
Ги претставува и воведува жанровите аерофотографија и портрет. Сакал да ги фотографира оние кои лично и непосредно ги познава. Архивата на Надар содржи фотографии од речиси сите познати писатели, поети, артисти, актери, музичари и танчери во своето време. Бил нарекуван и „фотографот на ѕвездите“, своевиден експериментатор и впечатлив артист, чии портрети претставуваат Пантеон на неговото време.
„Оваа година беше исполнета со бројни културни, јазични и спортски настани со кои свечено се одбележаа 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу нашите две земји. Изложбата, „Славните портрети на Надар“ ги покажува богатството и виталноста на нашата соработка на полето на фотографијата и во сите културни сфери воопшто. На тој начин нашите култури уште повеќе си припаѓаат една на друга. Среќен сум што ги гледам на едно место, во Националната галерија на Македонија, портретите на славните Французи од XIX век. Портрети што ги овековечил големиот Надар. Тие ѝ припаѓаат на оставината на франкофонијата и благодарение на оваа изложба во Мала станица, најголемиот дел од нив денес можат да бидат видени во Скопје. Моја голема благодарност до Националната галерија на Македонија, музејот Jeu de Paume од Париз, компанијата Зегин и Охридска банка – Сосиете женерал груп. Сите тие, во соработка со Францускиот институт во Скопје, го направија можно организирањето на оваа изложба.“, се вели во поздравниот говор за оваа изложба на Кристијан Тимоние, Aмбасадор на Франција во Македонија.
„Фотографијата е прекрасно откритие… Теоријата може да се изучува за еден час, основите на технологијата во еден ден… Но она што не може да се научи е чувството на светлина. Начинот на кој светлината паѓа на лицето, мора да го фатиш самиот. За да добиете сличност, а не банален портрет, мора да сте сојузници со портретираниот, да ги почувствувате мислите и неговиот лик, вели самиот Надар. На наше големо задоволство, долгогодишната успешна соработка на Националната галериjа на Македониjа со Амбасадата на Република Франција во Скопjе и Францускиот институт во Скопjе продолжува на многу успешен начин, со проекти и изложби од особен квалитет и значење, како што е и овој пат изложбата на портретни фотографии на францускиот фотограф, карикатурист, аерограф, романсиер, новинар со меѓународна репутација Надар – Гаспар Феликс Турнашо“, вели во поздравниот говор Д-р Дита Старова Ќерими, директор на Национална галерија на Македонија.