Селекцијата за избор на победници на Конкурсите за млад и за зрел уметник, проекти во организација на Националната галерија на Македонија, завршија со одржаната (видео)конференција со меѓународната стручна комисија во состав: проф. Миодраг Шуваковиќ, Арта Агани Буњаку и Роман Урањек.
Процесот на селекција се одвиваше по принцип на оценување на предложените апликации од страна на комисијата, по што беа сумирани резултатите и беше дискутиран финалниот избор. Комисијата имаше мошне слични ставови во изборот. За победници на конкурсот за млад уметник беа одбрани: Викторија Поповска и Дарко Комненовиќ, додека за победник на конкурсот за зрел уметник, добитник е Роберт Јанкулоски.
На конкурсот за млад уметник свои проекти доставија 23 уметници а на конкурсот за зрел уметник со свои предлози учествуваа 10 уметници/уметнички групи. Победниците на конкурсот, еден зрел и двајца млади автори, ќе добијат простор во објектот „Мала станица“ за реализација на своите проекти, како и продукциски трошоци за изведбата на проектот и авторски хонорар. Изложбите се закажани за месеците ноември и декември 2020 година.
Согласно интересот на уметниците и квалитетот на добиените апликации, како и вклучувањето на независна меѓународна комисија при изборот на победниците, овој професионален конкурс ќе стане традиционален проект, кој што Националната галерија ќе продолжи да го одржува и во иднина.
Добитник на конкурсот за зрел уметник: Роберт Јанкулоски
Авторот Роберт Јанкулоски е роден 1969 година и позади себе има импресивна уметничка кариера. Велиме уметничка, а не фотографска, затоа што неговите дела одговараат на начинот на гледање, што, заедно со фотографијата, е истотака, дел од современата уметност. Тука говориме за амбиентални решенија во јавен простор, фотографски акции и последно, но не и најмалку важно, поставување на изложбата како комплетно искуство, а не како серија на фотографии една по друга, што често се случува на фотоизложбите.
Сите негови фотографии се директен израз на личното искуство, а со тоа и документ за времето и просторот. Делата се аналитичко толкување на работите што се случуваат околу него. Фотографиите на кои сме сведоци не ги следат научените училишни правила, многупати и го негираат стекнатото знаење. Тие се квалитетни и сугестивни, но специфични, бидејќи секој има свој личен идентитет. Неговите дела се физичка, опиплива визуелна врска со одреден момент во историјата, а истотака, е и фотографско место за откривање на реалното. Тој е целосно свесен за симултаните настани во околината и со своето размислување е во состојба да го пренесе тоа во клучен момент во видливиот израз на медиумите што ги смета за неопходни, односно фотографиите, амбиентот или интервенциите на јавниот простор.
Неговиот предлог за изложба во „Мала станица“ се однесува на соочувањето со моментот на свесност, живеењето во историско време, време означено од вирусот ковид-19. Секој уметник во исто време е хроничар на времето во кое живее, а досега е докажано дека е можно да се реконструира историското време преку уметничките дела. Неговото истражување за Србија, Грција и Македонија преку природата е поврзано со традицијата на теми од пејзажот и, во исто време, со традицијата на грдото и автентичното во современата уметност. Предлогот покажува дека изложбата ќе биде направена во однос на специфичниот амбиент на галеријата и ќе овозможи да се ужива во спектаклот наменет за гледачот.
Сметаме дека наградите треба да го земат предвид квалитетот на работата на индивидуалниот уметник и истовремено неговиот придонес во општеството и во социјалното опкружување во кое живее уметникот. Роберт Јанкулоски го основа Македонскиот центар за фотографија во 2000 година, а тоа му даде посебно значење во очите на жирито.
Добитници на конкурсот за млад уметник: Дарко Комненовиќ и Викторија Поповска
Дарко Комненовиќ, роден 1990 година, е визуелен уметник кој работи во контекст на постскулпторско дело. Неговите истражувања и конструкции ги поврзуваат скулпторските, амбиенталните и технолошките влијанија. Со други зборови, тој работи со хибридизирани односи на просторот, перцепцијата, комуникацијата и когнитивното мапирање на визуелните ефекти. Предложениот проект „Капсид i20“ е одличен пример за тековниот уметнички и естетски одговор на противречностите, антагонизмите и отуѓувањата својствени на глобалната криза предизвикана од ковид-19. Уметникот луцидно го покажа потенцијалот за трансформација на модерното општество и важните односи меѓу поединци и односи меѓу поединци и колективи, поединци и институции и институции и институции. Уметникот предложил сложени човечки, политички, комуникациски и, со тоа, когнитивни процеси, ефекти и ситуации, кои се испровоцирани од човечката состојба во кризни пандемски моменти. Уметникот ги посочи односите меѓу два важни модалитети на ова дело: ликот на склопување на традиционални и модерни материјали / медиуми и ликот на временската капсула. Предвидената поврзаност на дигиталниот и конкретното материјално со формите на човечкиот живот отвора простор за тестирање на нашата сопствена индивидуална и колективна модерност. Проектот го заслужи вниманието со својата актуелност, хибриден материјал, медиумска сложеност и суштински егзистенцијален ангажман.
Викторија Поповска родена 1992 година е млада уметничка која е на долго и тешко патување кон пронаоѓање на модалитетите на изразување на своите рефлексии. За време на нејзината кариера, таа имала неколку учества и соло изложби, а првата и е „хибридна изложба каде биле прикажани уникатни кукли, инсталации и слики“. Зборот „хибрид“ е многу важен за опишување на нејзините дела и најавува подлабоко истражување во рамките на човечкиот елемент и неговото влијание врз животната средина. Во нејзините претходни дела протагонисти се луѓе/кукли поставени внимателно на платна, како гротескни обрасци во повторливо дејство што наликува на танц од секаков вид. Во некои случаи, како и во скулптурите, тие зафаќаат простор на театарски начин, злокобно предвидувајќи ја дегенерацијата и уништувањето. Нејзините модели на кукли претставуваат очајни обиди за зачувување на човековата природа, демонстрирани преку нивните мумифицирани тела.
Логички произлезено од тоа, Поповска го продолжува испитувањето на врската помеѓу она што е и што не е човечко. Предложениот проект за изложба на Конкурсот за млади автори започнува одгледна точка на репатриран уметник и се однесува на загадената околина во нејзината татковина. Како и во претходните дела, таа инсистира на зачувување – презервација. Проектот е привлечен во пристапот, каде протагонистите веќе не се играчи на улоги, туку стануваат учесници во проект што ќе резултира со инсталација направена од ѓубре собрано од нив. Во време кога иднината е непозната и кога уметноста се обидува да ги сруши подигнатите sидови, уметнички проект со фокус на заедницата може да има позитивен ефект врз бурното општество, насочувајќи го кон новата реалност која е пред нас.