Спектакуларна премиера на „Дракула“ на Априлски балетски вечери 2011

Во петокот (29 април 2011 година) во Македонската опера и балет  со почеток од 20 часот, се случи светската премиера на спектаклот наречен „Дракула“ изведен од Португалците Vortice Dance Company со поддршка на солисти при МОБ.

Кореографи на овој балетски спектакл се Рафаел Карисо и Клаудиа Мартинс, во кој е искористена музијата на Војчех Килар, Филип Глас, Рахмањинов и Лу Рид. За сценографијата, видеографика и тонски ефекти беше задолжен Рафаел Карисо, а костимографијата е на Клаудиа Мартинс, додека аудиовизуелни ефекти и воедно технички директор е Жоао Невес. Светлото и дизајнот се на Луиш Паз и Жоао Тешеира.

Солисти во „Дракула“ беа извонредните Александра Мијалкова, Мими Поп Алексова, Билјана Басмаџиева, Ивана Коцевска, Игор Веланоски, Клаудиа Мартинс, Рафаел Карисо, Бобан Ковачевски, Трајче Стојковски, Хорге Либорио, Симона Василевска, Јан Кисилев, Разван Мазилу, Габи Павловска и Лиле Миленковска.

„Дракула“… Напад на сите сетила! Поинаку и не може да опише тоа што се случуваше на сцената на МОБ вчера. Македонската публика конечно може да се пофали дека присуствувала на спектакл од светски размери. Секој во салата можеше да го почувствува хоророт од познатата приказна од Брам Стокер на себеси својствен начин. „Дракула“ едноставно ги помести границите на современиот балет до ниво кое ретко кој од овој момент, па натаму, ќе може да го достигне.

Приказната беше испреплетена со мотиви од сите уметнички дела создадени на оваа тематика досега. Музиката воодушевуваше, плашеше, трогнуваше; солистите ги снемуваше од сцената, се појавуваа во форма на духови на страничните платна, врескаа, висеа како акробати, лебдеа во воздух, точно и прецизно ја доловуваа енергијата на португалското ремек – дело преку нивните инспиративни движења, не’ смееја, не’ плашеа, не‘ возбудуваа, го побудуваат исконот во нас. Тонските ефекти во вистински моменти не’ тераа да скокнеме од столче, силно да фатиме за рака некој во наша близина, да се навратиме во мислите на сцени од оригиналниот филм за Грофот Дракула од каде беа позајмени цели аудио дијалози на англиски, додека многуте останати изненадувања кои „никнуваа“ на сцена до самиот крај на претставата не’ оставаа со полуотворени усти.

Низ крв, смеа, хумор, страв и љубов, португалските креатори на ова неповторливо ова ремек – дело ни ги покажаа сите лица на Дракула и неговите трансформации, ни ги потврдија, но истовремено и ни ги разбија сите стереотипи за овој често опишуван лик. Колку и да сметате дека го знаете ликот на „господарот на немртвите“ претставата „Дракула“ ќе ви покаже целосно нов аспект на (не)човекот во Влад Teпеш.

Овациите кои траеја безмалку 15-тина минути треба да се повеќе од доволна причина зa челниците на МОБ да ја сфатат потребата на македонската публика за ваков вид на изведби и под итно да се обидат да вметнат повеќе вакви претстави на нивниот редовен репертоар. Публиката се изјасни, „Дракула“ мора повторно да се одигра на сцената на МОБ, бидејќи една изведба едноставно не е доволна.

Автор: Владимир Ристевски

You May Also Like